Фото: Принтскрин

Турција нема да се приклучи на западните санкции против Русија, кои беа воведени поради украинската криза, изјави Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател.

„Не воведуваме санкции и нема да им се придружиме. Мора да ги гледаме нашите интереси. Ако сите уриваат мостови, тогаш кој ќе разговара со Русија – изјави синоќа Калин во интервју за телевизијата Хабертурк.

Тој нагласи дека економските односи на Турција со Русија се такви што санкциите ќе и нанесат поголема штета на турската економија отколку на руската.

– Имаме јасен став за прашањето за санкциите. Западот не го прифати тоа – рече Калин.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утре ќе присуствува на состанокот со лидерите на Шведска и Финска пред самитот на НАТО во Мадрид, изјави портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин.

Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО како одговор на рускиот напад врз Украина, но нивните кандидатури се соочуваат со противење од Анкара поради, како што се наведува, поддршката за курдските милитанти и ембаргото за оружје на Турција.

Во интервју за истанбулскиот весник „Хабер Турк“, Калин рече дека тој и заменик министерот за надворешни работи Седат Онал ќе присуствуваат на утрешните разговори со шведската и финската делегација во Брисел.

Портпаролот на турскиот претседател предупреди дека присуството на Ердоган во преговорите со Шведска, Финска и НАТО „не значи дека Турција ќе отстапи од својата позиција“.