Фото: Фејсбук/Александар Вучиќ

Оценувајќи ја состојбата на Косово за многу сложена

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија никогаш не била во посложена и потешка ситуација во однос на Косово како што е денес. Тој најави дека властите во Приштина од вечерва на полноќ планираат да ги стопираат сите што имаат српски лични карти на административните премини. Вучиќ побара од Албанците, меѓународната заедница и Србите од Косово да го зачуваат мирот. „Ако не сакаат да го сочуваат мирот, ви велам – Србија ќе победи“, рече тој.

-Ситуацијата за нашите луѓе на Косово и Метохија е многу комплицирана и сложена. Многу луѓе го сведоа својот однос кон Косово и Метохија на слогани во кои велат „Косово е Србија“ и тоа е се, но јас не мислам дека некогаш сме биле во посложена и потешка ситуација отколку што е денес – рече Вучиќ во своето обраќање до јавноста во врска со ситуацијата на Косово.

Тој рече дека „режимот во Приштина се обидува да го искористи расположението во светот, играјќи на картата „големиот Путин му нареди на малиот Путин, па малиот Зеленски во ликот на Албин Курти некого ќе спаси и ќе се бори против големосрпската хегемонија“.

-Тие донесоа одлука да наметнат работи што немаат право да ги наметнуваат, пред се на луѓето на северот на Косово и Метохија. Тие однапред ги испратија своите единици со 21 тон гориво и се останато на административните премини Јариње и Брњак, со желба да ги запрат сите што имаат српски лични карти. Сето ова треба да започне вечерва на полноќ, а во исто време да ги убеди Србите да се откажат од КМ табличките – најави Вучиќ.

Тој објасни дека Приштина се повикува на точката три од договорот за слобода на движење потпишан од Борко Стефановиќ и Едита Тахири во 2011 година, во кој се вели дека секоја страна може да имплементира систем со кој личните карти ќе бидат придружени со писмени документи за излез за оние кои патуваат во транзит во трети земји, користејќи статусно неутрален јазик.

Вучиќ подвлече дека тоа не може да важи за Србите од Косово, бидејќи тие не ја претставуваат другата страна, ниту пак патуваат транзитно во трети земји.

-Втората работа е тоа што Албанците сакаат да го искористат тоа и да кажат: „Па, тоа е реципроцитет, ние имаме право во согласност со Уставот на Косово“. Па, во согласност со Уставот на Србија, Косово е дел од Србија, така што не користиме оружје за да го вратиме под уставна и законска контрола на Република Србија. Се однесуваме одговорно, сериозно, не сакаме конфликти и војна. Тоа е најглупавото објаснување од албанските политичари – рече Вучиќ.

Кога станува збор за регистарските таблички, Вучиќ потсети дека со договорот од 2011 година се воведени РКС и статусно неутрални таблички КС издадени од УНМИК, а нивната важност е ограничена на пет години со најавата дека по истекот на тој период, двете страни повторно ќе го разгледаат прашањето за нив.

Во меѓувреме, потсети тој, Марко Ѓуриќ потпиша договор со Приштина во 2016 година, во кој се вели дека важноста на табличките КС ќе биде продолжена до крајот на 2021 година, но во септември 2020 година, како што оцени, Приштина самоволно ги укина табличките КС.

-И што сака Приштина денес, сака да каже: Нема веќе таблички КС, ние сме суверена држава и не ни е гајле за ништо друго, можете само да имате РКС таблички, а табличките КМ нема да дозволиме никој да не помисли дека има остатоци од друга држава – рече Вучиќ.

Вучиќ ги наведе и првите шест точки од Бриселскиот договор, кои предвидуваат формирање на Заедница на српски општини на Косово со широки овластувања, нагласувајќи дека и по 3.390 дена ништо од тоа не е исполнето.

Претседателот истакна и дека од доаѓањето на Аљбин Курти на власт, регистрирани се 206 инциденти насочени против Србите на Косово и дека за седум месеци од годинава имало повеќе проценти отколку во цела минатата година. Од нив имало 35 напади врз објектите на СПЦ и српските гробишта.