Фото: Принт-скрин

Според европското издание на порталот „Политико“

Паниката стивна, барем засега, откако граничниот спор од минатата недела ги поттикна стравувањата дека Косово и Србија забрзано се доближуваат до нова војна на европско тло, пишува „Политико“.

Жителите на Приштина ги отфрлуваат таквите можности, противејќи се на шпекулациите и дезинформациите распространети низ социјалните мрежи. За локалното население, ваквите судири се вообичаена појава и не мора да бидат предзнак за враќање на крвопролевањето што беше доминантно на Балканот во 90-те години на минатиот век.

– А сепак, Европа е на штрек додека се одвива војната во Украина. Тензиите што произлегоа од минатонеделниот спор нема да исчезнат. И лидерите на двете страни сѐ уште разменуваат запалива реторика. Во меѓувреме новите прописи што доведоа до протести се одложени за еден месец, со што прашањето останува нерешено – наведува европското издание на порталот „Политико“.

Спорот што трае од септември минатата година се сведува на тоа оти косовските власти сакаат да наметнат влијание врз Србите на северот на Косово. А Србија се противи на ваквите чекори. Минатата недела Србите од Косово се побунија против мерката што ќе бара од нив да користат косовски регистерски таблички, како и специјални документи за влез на Косово за оние што тоа го прават преку Србија. Незадоволните Срби набргу излегоа на протести и поставија барикади, со што почнаа да се шират шпекулации за судири со косовската полиција. Речиси една недела подоцна имаше истрели врз припадници на косовската полиција, според нејзиното соопштение.

– Има џагор низ целиот свет за следната војна што избива на Косово. Ова не се случило претходно, а имавме полоши кризи од оваа и глобалната јавност речиси и да не им обрна внимание. Но, сите се на штрек поради војната во Украина – вели Доника Емини, експерт за односите помеѓу Косово и Србија.

Ситуацијата е тензична и мисијата на КФОР соопшти дека е подготвен да реагира ако стабилноста е загрозена.

– Во случај на избивање на оружени судири, Косово и Србија се обврзани со договор во кој НАТО го има последниот збор. Пактот му овозможува на Косово нешто слично на протекциите под членот 5, според кој нападот врз една членка на Алијансата е напад врз сите членки, иако Косово не е членка на НАТО. Покрај трупите на теренот, НАТО веднаш може да испорача и дополнителни сили на Косово, ако биде потребно. ЕУ исто така игра улога во менаџирањето на кризата. Додека косовоската полиција прва одговара на тамошните инциденти, потоа реагира и локалната мисија на ЕУ, чии меѓународни полициски сили имаат специјални овластувања, особено на северот на Косово за да помогнат при контролирање на немирите – пишува „Политико“, наведувајќи дека НАТО претставува последна опција, ако ситуацијата се влоши и доведе до сериозно насилство.

Се верува дека главна причина за инцидентите претставува постојаното пропаѓање на дијалогот помеѓу Косово и Србија под посредство на ЕУ, покренат во 2011 година. Засега, барикадите се тргнати, но мерките што доведоа до нивно поставување се само одложени до 1 септември, во надеж дека ќе се изнајде решение. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, потврди дека двете страни ќе се сретнат во Брисел на 18 август, но можностите за постигнување решение остануваат слаби.