Грција

По неуспехот на парламентарните избори во Грција ослаби и организациската структура на десноориенираната Златна зора

Грчката десноекстремна партија Златна зора доживеа тежок пораз на предвремените избори, кои се одржаа пред еден месец. Со освоените 2,93 отсто од гласовите не успеа да го помине изборниот цензус од три отсто и со ова се погребани амбициите на партиското раководство во наредните четири години. Но за сметка на неуспехот на Златна зора, другата десна групација, наречена Грчко решение, влезе во националното собрание. Нејзиниот претседател Кирјакос Велопулос се смета за „непресметлив популист“, но тој не е толку милитантен како припадниците на Златна зора. Изгледа дека десно ориентираните гласачи се одлучија за помалку радикално решение, пишува во анализата објавена на „Дојче веле“.

По изборите, лидерот на златнозорците Николаос Михалолујакос говореше за „предавство“ од неговите некогашни соборци. Политикологот Василики Јоргијаду, која го истражува десниот екстремизам во Грција, вели дека ова е почеток на крајот на насилната екипа.

– Не се намалија само резултатите на Златна зора, туку ослаби и нејзината организациска структура. Порано оваа партија функционираше како паравоена формација. Мобилизираше луѓе имала и свои упоришта, пред сѐ, во главниот град Атина. По политичкиот неуспех, оваа неонацистичка партија стана помалку привлечна – вели таа за „Дојче веле“.

Судењето против партискиот лидер Николаос Михалолијакос и другите водечки членови поради „членство во криминална организација“ продолжува. Овој процес е отворен по убиството на левичарскиот активист Павлос Фисас во градот Пиреја пред шест години. Тогаш грчките неонацисти од Златна Зора имаа 18 пратеници во грчкиот парламент. Државното обвинителство претпоставува дека убиството е изведено по налог на лидерот или од некој друг од раководството на партијата.

Сепак, Златна зора на изборите за Европскиот парламент во мај годинава освои две пратенички места. Еден од нив е пратеникот Јоанис Лагос, кој беше надлежен за синдикалната работа, и кој, според мислењето на атинското државно обвинителство, е соодговорен за убиство на активистот Фисас во септември 2013 година. По пристигнувањето во Брисел, тој објави дека ја напушта Златна зора. Но неговите некогашни соработници бараат тој да го врати мандатот. Уште поголеми проблеми на партискиот шеф му причинува неговиот повереник за европска политика Елефтериос Синадинос. Тој јавно го критикува водачот на Златна зора за непотизам и за некоректно трошење на парите.

Сѐ поголемите караници во партијата покажуваат дека наскоро ѝ се наближува крајот на Златна зора, смета Јоргијаду. Но како што забележува таа, оваа партија не смее да се потцени, затоа што во Грција десните екстремисти имаат доверлива база од околу седум отсто од гласачите. Дефинитивниот крај за Златна зора зависи од тоа колку етаблираните партии во Грција ќе успеат да настапат пред граѓаните.