Во Албанија ќе се гради центар за повратници од ИД од балканските држави, објавија албански медиуми.
Информацијата ја соопштил бугарскиот премиер Бојко Борисов на конференција посветена на насилниот екстремизам, одржана во Тирана, со поддршка од јорданскиот крал.
Во Албанија ќе се изгради центар за координација на повратници од ИД од балканските земји. За тоа предложив секоја држава да испрати по еден офицер за врски, со цел заедничката борба да биде поорганизирана, изјавил Борисов по средба со премиерот Рама, наведува порталот Албеу.

Тој нагласил дека тоа нема да биде единствен центар во Албанија со „фокус на тероризмот“.
Во мај 2017 година министерката за одбрана Олта Џачка изјави дека ќе се отвори центар чија цел е проучување на феноменот на странските борци.
Освен борците од ИД, кои се очекува набрзо да бидат координирани, во Албанија се сместени и околу три илјади ирански муџахедини, припадници на иранската опозиција, кои претходно беа сместени во американски камп во Ирак. За таа цел е изграден објект во Барбу вреден 950 илјади евра.


Грците бараат проширување на Јонско Море

Грците се задоволни од договорот со Албанија, со кој на Грција ѝ се отстапуваат 12 милји од територијалните води на Јонско Море, пишува порталот Албеу.
Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос изјавил оти неговата земја ќе го зголеми својот морски територијален простор со отстапување од албанска страна ексклузивни економски зони.
– Се наоѓаме во еден многу значаен миг од историјата на нашиот народ. Многу набрзо ќе ги прошириме нашите морски територијални води со признавање на ексклузивните економски зони, искористување на подводните богатства и нашата земја ќе влезе во нова ера – изјави Каменос.
Порталот наведува дека околу ова прашање премиерот Еди Рама со месеци преговара со Грција, преговори што во поголемиот број се чуваат во тајност.
Дното на Јонско Море кон кое претендира Грција е богато со нафта и гас. Прво договор за отстапување дел од албанските морски води потпишаа во 2009 година тогашните шефови на албанската и на грчката дипломатија, Љуљзим Баша и Дора Бакојани, но Уставниот суд на Албанија го прогласи за неуставен.