Кенан и Невена се неверојатно заљубени во својата работа и еден во друг

Суада Арнаутовиќ

Почитувани читатели, во претходните неколку недели имавте можност да ги видите истражувањата за мешаните бракови во Македонија што ги спроведе нашиот соработник Дејан Азески. Со оглед дека се работи за проект базиран на паралелна разработка на темата (во Македонија и во БиХ), во ова продолжение ви даваме ексклузивна можност преку еден сублимат да се запознаете и со состојбите во БиХ, преку неколку примери објавени во „Ослобоѓење“ од Сараево

Институцијата „мешани бракови“ е базирана на космополитски вредности и во исто време промовира идеи за еднаквост и почит кон различностите. Поради тоа, не би требало да е чудно тоа што луѓето што се одлучиле на ваков чекор делат љубов кон сите етнички заедници и со тоа придонесуваат за подобрувањето на меѓучовечките односи во Босна и Херцеговина.

Белграѓанец и сараевчанка

Во бракот на Адна и Синиша се спојуваат сите националности од територијата на поранешна Југославија. Иако државата како концепт се распадна, не е можно да се поделат или иселат луѓето од тие простори, да се создадат невидливи брани помеѓу нив и нивните меѓусебни контакти.
Двојката својата семејна идила ја вгнездува во Сараево, градот во кој сѐ уште можеме да ги споиме космополитските различни култури, вероисповед и нации и во семејните кругови.

Белграѓанецот Синиша е вистинско југословенско дете: мајка му е сплиќанка, со католичка вероисповед, која поради љубов го напушта родниот Сплит и се сели во Белград, каде што основа брачна заедница со човек од белградскиот асфалт од православна вероисповед.
Пораснат е во мешан брак и во таков дух што од мали нозе ги слави и католичкиот и православниот Божиќ, Велигден, Нова година, славите и другите верски празници што се врзуваат во двете религии.

Од 2016-та почнува да слави и Бајрам.
– Родена сум и по потекло од Сараево. Нашата вера е ислам и, во согласност со традицијата, славиме Бакрами и чекаме Рамазан. Родителите ми беа Титови пионери, граѓански ориентирани, па и јас едвај ги чекав китењето на елката пред Нова година, фотографирањето со Дедо Мраз, отворањето на новогодишните подароци – вели неговата сопруга Адна за амбиентот во кој израснала.

Љубовната приказна на сараевчанката и белграѓанецот Синиша почнува пред неколку години. Тврдат дека имале среќа со растењето во семејства што имаат полиберален поглед на работите во однос на поголемиот дел од балканското население, кое е оптоварено со националностите, потеклото и имињата.

– Сведоци сме на време во кое се евидентни големите воени последици. Ридестиот Балкан со луѓето со усвитени глави е тешка средина за живеење и вистинска реткост и голема среќа е што воопшто сме се нашле – раскажува оваа брачна двојка.
Адна и Синиша имаат мало бебе (момче), за кое велат дека е Босанец.
– Ќе ги слави сите празници што ги слават мајка му и татко му, ќе биде воспитуван во социјалниот и друштвениот дух, а не во духот на религијата и ќе го учиме да ги почитува сите луѓе околу себе и да ги прифати без оглед на различноста, да биде добар пријател и добар човек, што всушност е и смислата на постоењето на овој свет – додаваат нашите соговорници Адна и Синиша.

Ако се сака вистински, може да се живее и без проблеми и осуди

Прашањето на националноста во поствоеното општество БиХ е тема за која често се говори. Освен во политички контекст, а политиката секако врши дискриминација на „другите“ и на оние што не припаѓаат или не можат да се поврзат со ниту еден од трите понудени национални идентитети, прашањето за националната, етничката, верската припадност често знае да се најде како тема на неформален разговор за време на ручек, фудбалски натпревар, службени состаноци.
Политиката е таа што заплеткува прсти во секоја сфера во животот, влегува во секоја пора на стварноста и ја обликува според свои параметри. Голем број луѓе своите ставови за одредени прашања ги носат врз база на политичките трендови што владеат на одредено подрачје.

Воениот тренд од поделбата што кулминира во деведесеттите години на минатиот век зафати многу поединци. Пријателите се разидуваа, се оставаа животните љубови, се делеа семејствата. Токму поради наведеното, нашите втори соговорници, брачната двојка Жељка и Алмор Клицо претставува позитивна невообичаеност.
– Никогаш не сме се довеле во ситуација што би можела да се окарактеризира како проблематична по прашањето за припадноста на различни религии и националности – тврди оваа брачна двојка.

Додека се забавувале, никогаш никој од нивните пријатели и познаници не спомнал ниту збор за тоа дека ѝ припаѓаат на различна вероисповед.
– Кога би можел да издвојам една единствена замерка во врска со вероисповедта, би споменал дека на мојата мајка ѝ пречеше што мојата идна сопруга не е од иста вероисповед како мене. Но, со оглед на тоа што мајките се мошне чувствителни по прашањето за синовите и нивниот избор, таа замерка не можам да ја сметам како релевантна. Подоцна мајка ми увиде колку се сакаме и апсолутно ја поддржа секоја наша идеја поврзана со заеднички живот – вели Алмир.
Тој додава дека живеат под ист покрив речиси петнаесет години, почитувајќи се меѓусебно.

– Семејството на мојата сопруга мене ме прифати на најдобар можен начин. Нашите родители се во прекрасен однос и често се гледаат. Разликите во вероисповедта не произведоа никакви проблеми помеѓу семејствата – објаснува тој.
Тие истакнуваат дека штом увиделе дека нивната врска води кон брачна заедница, се договориле дека на децата нема да им даваат имиња што традиционално се врзуваат за некоја од религиите.

– Горди сме на тоа што ги воспитуваме децата да не бидат оптоварени со предрасудите, имињата и разликите помеѓу луѓето и на тоа како поединечно така и заедно нѐ поддржуваат нашите семејства – вели оваа прекрасна брачна двојка.
Побаравме мислење и од психотерапевтката Емине Жуне, која ја потврди нашата хипотеза дека во 21 век е неприфатлива стигматизацијата на овие брачни заедници и дека е неопходно и на таквите односи да се пристапува со здраворазумни заклучоци.
– Значи, мешаните бракови се факт во Босна и Херцеговина, како што е факт дека по војната во 1990-тите нивниот статус беше отежнат – дури и ако не постојат статистики, можеме да кажеме дека бројот е намален, помалку се склучувани, голем број се иселиле.

Според неа, ваквите бракови очекувано се стигматизирани во општеството, кое е етнонационално поделено и во кое луѓето се водат со својот табор, верски и етнички, па во таа смисла се гледаат како исклучок.
– Мешаните бракови го нарушуваат тој основен политички и верски консензус и, во некоја смисла, претставуваат девијација. Тие се предавници на сопствениот табор, но исто така претставуваат конструкт со кој денес е невозможно да се запише во политичко-националистички наратив (да кажеме и во уставот) – бидејќи го нема. Па, според податоците од пописот, знаеме дека 4 проценти се „другите“. Значи, се среќаваат со сите тие предизвици, а нивните деца исто така имаат проблем со верско-националниот идентитет, бидејќи поминуваат низ националистички настроено образование и општество, во кое работите се сака да се нарекуваат со едно име и да бидат јасно поставени – објаснува таа.

Според неа, неприродно е од малите деца системот да очекува да се изјаснат и предодредат во национална смисла уште во најраните денови во основно училиште.
– Меѓутоа, мислам дека на некое индивидуално ниво работите не се толку црни, бидејќи секој може да постави една здрава, критичко-рационална дистанца во однос на системот. Така и децата од мешаните бракови во текот на развојот може да се запознаваат со овие работи, со што самите не би доживеале идентитетска непријатност и чувство на неприпаѓање, но тоа исто така е случај и со сите други работи што не потпаѓаат под норма на сексуалните идентитети или на некои други индивидуални идентитетски одредници. Сето тоа претставува отстапување во однос на вообичаеното и „нормата“. И тоа не е случај само кај нас. И развиените западни земји имаат свои девијации и луѓе што се борат со неприпаѓањето, само кај нас тоа, поради војната и системот, е отежнато и пренагласено – се зборовите на психотерапевтката Емине Жуне.

Брачен консензус

Невена и Кенан (нашата трета интервјуирана двојка од БиХ) се двајца новинари, на кои во описот на работата им стои следење на политичките случувања во БиХ и постапките на носителите на политичките функции. Неверојатно заљубени во својата работа и еден во друг, на шеговит начин изјавуваат дека „будно следејќи ги политичките мудрости, усогласено и врз основа на консензус одговараат на прашања за својот брак“.

Дилемите што ги имале по прашањето за избор на партнерот најмалку се однесувале на различните етноси. При овој најважен животен избор ја претпочитале индивидуата што ќе валоризира исти погледи на животот. Верност, лојалност и начин на кој се бори за опстанок во овој свет. Велат дека љубовта е единствена работа што се множи кога ја делите, истакнувајќи дека љубовта, меѓусебната поддршка и почитувањето се основата на која ги надградиле заедничките интереси.

На осудите на опкружувањето Невена и Кенан никогаш не им се плашеле.
– Го почитуваме правото на различните ставови и немаме страв од осуда од опкружувањето. Вредносно сме со милји оддалечени од филозофијата на паланката и прашањето што ќе кажат луѓето, кое, за жал, пречесто се поставува на Балканот – вели заеднички брачната двојка Чосиќ.

­Фактот дека живеат во мултиетнички брак не го сфаќаат ниту како предност ниту како пречка туку како заедница на луѓе што се сакаат. Разговори за етносот речиси и да не заземаат место меѓу нив, освен во контекст на истакнување на позитивните моменти, моменти што се слават, а не стануваат никаква пречка.
– Не можеме да побегнеме од фактот дека општеството во БиХ денес има спротивставени ставови за мултиетничките бракови. Таквите односи се неприфатливи за поединци, а често им даваат и погрдни квалификации – велат Чосиќ.
На крајот од разговорот истакнуваат дека им било од огромна важност партнерот да знае да свари добро кафе.

Навистина симпатична и поучна приказна за сите идни генерации што доаѓаат и ќе се соочат со овој предизвик.