Лидерот на српската Народна партија Вук Јеремиќ изјави дека српските власти планираат Србија и Косово да се разграничат на почетокот од 2019 година.

Во рамките на одбележувањето една година од работата на Народната партија, вчера е одржан Главен одбор на партијата на кој Јеремиќ истакна дека Србија се наоѓа во фаза на „длабок сон со по некој пулс отпор“.

– Она што го слушнавте пред еден месец на седницата на Главниот одбор на владејачката партија, дека нивната косовска политика претрпе пораз, не може да биде подалеку од вистината. Сфаќајќи дека луѓето се против демаркацијата, поделбата, предавањето, како и да го нарекуваат тоа, и дека не можат да добијат мнозинска поддршка, Вучиќ прогласи дека тоа повеќе „не работи“, а потоа зад сцената ги забрза разговорите до максимум, објасни Јеремиќ .

Јеремиќ додаде дека Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи ќе потпишат сеопфатен договор во првиот квартал од следната година.

– Демаркацијата значи дека од другата страна на границата, која веќе нема да биде административна линија, ќе остане 90 отсто од територијата на покраината Косово и Метохија и делови од она што го нарекуваме јужна Србија, а што Албанците ја нарекуваат Прешевска долина, додаде Јеремиќ.

– Кога зборувам за Голема Албанија, зборувам за неизбежна и реална опасност. Во меѓународното право нема ништо што може да спречи две членки на ОН да се обединат во една држава, рече тој.

Јеремиќ, исто така, рече и дека „откако еднаш во мир ќе се откажете од територија, тоа станува единствен пример и оти така ќе постапуваат и други со слични аспирации“.