Претседателот на српската опозициска „Народна странка“ Вук Јеремиќ, тврди дека претседателот Александар Вучиќ ги забрзува преговорите за разграничувањето и дека договорот меѓу него и косовскиот претседател Хашим Тачи треба да биде објавен во првите четири месеци од 2019 година.

– Разграничувањето значи дека од онаа страна на границата ќе останат 90 отсто од територијата на автономната покраина Косово и уште делови од јужна Србија или она што Албанците го нарекуваат Прешевска долина – изјави Јеремиќ на Главниот одбор на својата партија во Белград, по повод годишнината од работата.

Тој оцени дека Косово ќе стане полноправна членка на ОН, како Србија денес и дека нема да има ниту една пречка во меѓународното право да се обедини со Албанија.

– Кога говорам за Голема Албанија, не говорам на памет – додаде Јеремиќ.

Тој предупреди дека Србија би можела да се соочи со нови територијални барања доколку се согласи, денес во мир, да „ги прецрта своите граници“. Вучиќ за ова е свесен, но неговата визија за Србија е проколната авлија, смета Јеремиќ, кој за својот политички конкурент рече дека е во кавга со „моралот и со разумот.“

Тој оцени дека состојбата во Србија е сè полоша и дека 70.000 работноспособни граѓани годишно ја напуштаат земјата, бидејќи ја имаат загубено секоја надеж.