Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нови позитивни сигнали пристигнуваат од Брисел, по отворањето на неделната сесија разговори со тројца лидери од земјите од Западен Балкан, а во исто време се потврдува и ставот за неменливост на границите во регионот

Двајца претседатели и еден премиер од земјите од Западен Балкан неделава ќе одржат одвоени средби со високи претставници на Европската Унија. Балканско-европската сесија на разговори во Брисел ја почна српскиот претседател Александар Вучиќ, кој оствари средби со шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Вчера на ред беше косовскиот премиер Албин Курти, а на пат кон седиштето на европската дипломатија е и македонскиот претседател Стево Пендаровски. Овие разговори доаѓаат по долгомесечен период на замрзнување на политичката комуникација на релацијата ЕУ – Балкан, во однос на процесот на проширувањето, кој доживеа целосен крах по едностраното вето од Бугарија за почнување на преговорите за пристапување на Македонија. Познато е дека процесот на преговорите со години стои во место и за Србија и Црна Гора, кои, според оцените на Брисел, не направиле никаков напредок во однос на отворањето нови поглавја во преговорите со ЕУ.
Првите реакции на Вучиќ, по посетата на Брисел во понеделникот, се позитивни и даваат оптимизам дека соработката со ЕУ може да добие нови текови. Како пример се истакнува најавената финансиска помош за изградба на брза пруга од Белград до границата со Македонија.

– Србија ќе изгледа 100 отсто поинаку затоа што ќе се отворат многу можности и шанси за транспорт на луѓе и стоки од Виена, Минхен, но и од Загреб низ Србија до Истанбул и Атина – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, по состанокот со шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.
Србија очекува да добие грантови од ЕУ во вредност од 35 проценти на проектот за железницата. Вкупната вредност на проектот за изградба на пругата се очекува да достигне 700 милиони евра. Во прашање е инвестиција што ќе ја смени транспортната слика во регионот, со забрзување на прометот на стоки и патници, на најважната трансверзала што ја поврзува Централна Европа со Југот, односно со Софија и Истанбул, на едниот крак, и со Скопје, Солун и Атина, на другиот крак. Покрај сообраќајното значење, овој проект има и геополитичко влијание и всушност ЕУ се враќа на голема врата на инвестицискиот простор, кој долго време беше маргинализиран од страна на Брисел, а кој претходните години потпадна под целосно влијание на Кина, пишува „Дојче веле“. За делницата на пругата од 200 километри, која води од Белград до Ниш, ЕУ дала поповолна понуда од кинеската. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел оваа финансиска помош ја најави како нова пресвртница за многу други работи, а особено за перцепцијата за тоа што претставува ЕУ за граѓаните на Србија и за целиот Балкан. Притоа Борел ја повтори личната посветеност за влегување на целиот регион на Западен Балкан во ЕУ и ги повика земјите-членки до 10 мај на состанокот на Советот на ЕУ „јасно да се позиционираат“ за прашањето на европската иднина на целиот регион, пренесе „Дојче веле“.
Втората важна порака што неделава доаѓа од Брисел е потврдување на ставот на Европската Унија за неповредливоста на границите на Балканот, со што од највисоко ниво беше демантирана содржината за нонпејперот за нови поделби на Балканот, кој беше пласиран од неформални извори на словенечката влада. Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел кажа дека не го видел наводниот документ во кој се предлага прекројување на границите на Западен Балкан и истакна дека ЕУ ги поддржува територијалниот интегритет и суверенитетот на државите од регионот.

Тој ја истакна цврстата поддршка на ЕУ на територијалниот интегритет и суверенитетот на Босна и Херцеговина, како и на другите држави на Западен Балкан.
– Мислам дека треба да се концентрираме на нештата што имаат поголемо значење, наместо да се зборува за идеи што може само да одмогнат – додаде Борел.
Со реакција се огласи и американскиот Стејт департмент, кој оценува дека постои опасност „неоснованите шпекулации за промена на границите на Западен Балкан по етничка линија да поттикнат нестабилност во регионот“ и со тоа „да се повикаат сеќавања на затегнатоста во минатото“. Неофицијален дипломатски документ, т.н. нонпејпер, веќе некое време кружи меѓу европските функционери, со кој се предлага поделба на Босна и Херцеговина и обединување на Косово и Албанија.
– Стабилната, просперитетна иднина на Западен Балкан мора да се заснова на добро управување, владеење на правото, мултиетничка демократија и почитување на човековите права и основните слободи – изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
Како главни приоритети во односите меѓу ЕУ и регионот се посочуваат забрзувањето на процесите за евроинтеграција и почетокот на примената на новата методологија на пристапните преговори за Србија, но и за другите земји од регионот. Во тој контекст се споменува и интензивирање на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а тоа ќе биде главна тема и на разговорите меѓу европските претставници и косовскиот премиер Албин Курти.