Министерството за одбрана на Црна Гора минатата година заработило 1,8 милион евра од продажба на вишокот вооружување и воена опрема, вклучувајќи ја и продажбата на поранешната јахта на Јосип Броз-Тито. Според договорот за купопродажба, бродот на Тито му е продаден на еден државјанин на Австрија, за цена од 51.000 евра. Почетната вредност на јахтата беше проценета на 80.000 евра, објави „Вијести“.

На јавната лицитација, која беше спроведена од Министерството за одбрана на Црна Гора, беа понудени на продажба и недвижности на 93 локации, а лани биле продадени три деловни простории во Тиват за 110 илјади евра. Од изнајмувањето на деловниот простор во сопственост на одбраната, минатата година бил остварен приход од 480 илјади евра.

Вкупните планирани издатоци за системот за одбрана на Црна Гора во 2019 година изнесувале 8,55 милиони евра, или 1,67 отсто од БДП, додека издвојувањата за опремување и модернизација изнесувале 13,7 милиони евра или 17 отсто од вкупните издвојувања за системот за одбраната. Ова претставува пораст од 2,77 отсто во однос на проекциите за 2018 година.

Во согласност со проекциите од Планот за инвестирање во одбраната за 2019-2024 година, ќе продолжи позитивниот тренд за издвојување за одбраната до 2024 година, до кога е предвидено издвојувањата за црногорската војска да достигне до два отсто од БДП и издвојување од 20 отсто од воениот буџет за опремување и модернизација. Вкупната вредност за оваа намена до 2024 година би достигнала 109 милиони евра.