Има една голема предност од наша страна: Членство во ЕУ. Мислам дека никој или речиси никој од Западен Балкан не сака да биде дел од Кина, Русија или Турција. Сакаат да бидат дел од ЕУ. Но, ако таа перспектива не е реална, тогаш губиме импулс и се наоѓаме во клучен момент, истакна словенечкиот премиер Јанез Јанша по самитот во Брдо кај Крањ.

Во интервјуто дадено на маргините на самитот ЕУ-Западен, Јанша рече дека напорите на Европската комисија да ги принуди членките како Полска и Унгарија да ги почитуваат основните вредности на Унијата се блиску до кршење на владеењето на правото.

– Имаме повелба на ОН за човекови права. Имаме европска повелба за човекови права, но, особено во Европскиот парламент, секој може да додаде на таа листа она што го сака. Значи, тоа е политички злоупотребен термин и се користи за политичка борба- додаде Јанша.

Според него, додека Европскиот парламент е политичко тело, Комисијата, според Договорите на ЕУ, треба да остане надвор од политичките борби.

Јанша вели дека тоа било случај додека Комисијата била предводена од Жан-Клод Јункер, но дека тоа се променило кога Урсула фон дер Лаен го презела мандатот.

– Мислам дека тоа е близу до кршење на владеењето на правото, бидејќи Комисијата мора да биде чесен посредник – додаде Јанша.

Говорејќи за стратешката автономија на ЕУ и нејзината улога како глобален играч, Јанша повика на продолжување на партнерството со САД, вклучително и НАТО.

Тој, сепак, додаде дека НАТО и САД нема да ги решат проблемите и конфликтите во нашиот двор и нашето соседство, односно на Западен Балкан, Медитеранот и Африка.

Словенечкиот премиер смета дека ЕУ треба повеќе да се фокусира на обезбедување на своите надворешни граници, наместо на испраќање пари и хуманитарна помош, која потоа завршува во рацете на терористите или воените команданти.

Што се однесува до Авганистан, Јанша рече дека е обврска на ЕУ да им помогне на оние што му помогнаа, мислејќи на оние кои работеа за европските дипломатски мисии и кои беа евакуирани заедно со граѓаните на ЕУ, но дека нема простор за десет милиони во Европа.

Тој исто така рече дека ЕУ нема да ја повтори грешката што некои земји ја направија во 2015 година по војната во Сирија.