Србија непотребно отвора други фронтови во регионот за да го сврти вниманието на тамошната јавност од епилогот во решавањето на спорот со Косово, изјави претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, во интервју за јавниот сервис на ЦГ.
Неговиот коментар е дека не ја разбира медиумската хајка што се води против ЦГ, а која е иницирана од политичките кругови во Белград.

– Кога ќе се реши конечно прашањето за Косово, ќе морате да ги подобрувате оние односи што во меѓувреме сте ги расипале. Епилогот, всушност, претставува формализација на тоа што се случило во 1999 година и за ова имам разговарано и со Тачи и со Вучиќ. Еден од актуелните чинители во кампањата против ЦГ е секогаш виталниот српски национализам и лидерите на просрпските партии, кои покрај политичките интереси имаат и големи финансиски аранжмани со Москва и со Белград – вели Ѓукановиќ.

Говорејќи за статусот на српската заедница во ЦГ, Мило Ѓукановиќ вели дека не им е ускратено кое било право.

– Како мотив за нападот на Црна Гора е претстојниот попис, за кој лидерите на просрпските партии бараат пари од Белград, за да водат кампања за што поголем број граѓани да се изјаснат како Срби – вели Ѓукановиќ.

Црногорскиот претседател нагласи дека прашањата од Дејтонскиот договор не се решени ни денес.

– Босна и Херцеговина е нефункционална, односите меѓу Србија и Косово не се решени и Македонија се обидува да излезе од блокадата на својот пат кон европските интеграции. Од решавање на овие прашања меѓу Косово и Србија, и Македонија, ќе зависи и стабилноста на Босна – заклучува Мило Ѓукановиќ, во разговорот за јавниот сервис.