Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој во последните месеци се најде на удар на тешки обвинувања од некогашниот негов пријател, советник и соработник Душко Кнежевиќ, нема намера да поднесе оставка.

– Немам намера да поднесам оставка, иако тоа е очигледно очекување на еден дел од јавноста, која во поголем дел ја сочинуваат моите противници – изјави Ѓукановиќ, за телевизијата Прва.

Одговорот на црногорскиот претседател по обвинувањата од Кнежевиќ, кој е првиот човек на „Атлас груп“, беше дека тој е недостоен противник и го обвини дека е „шеф на црногорскиот криминален октопод“. Во Црна Гора со децении се создаваат афери, преку кои се сака да се создадат услови за улични протести и насилна смена на власта, нагласи Ѓукановиќ.

– Како што поминуваше времето, тоа попримаше карактер на борба против стратегискиот курс на развојот на Црна Гора, а тоа отвори простор за нагласено влијание од одредени меѓународни центри. Во Црна Гора имаше протести против признавање на Косово, како и други уривачки протести и обиди по секоја цена и со крвопролевање да се преземат црногорскиот парламент и власта. За тоа служи и случајот со Кнежевиќ, кој е искористен од друга партиско-медиумска невладина машинерија, за поттикнување улични протести. Тие се оние што сакаат смена на власта – изјави Ѓукановиќ.

Црногорскиот претседател ги демантира пишувањата на медиумите за наводните финансиски малверзации и негира дека некој порано му ги плаќал летувањето и другите сметки. За овие обвинувања, Ѓукановиќ ќе поднесе тужба до судските органи, пренесе „Ал џезира“.