Мило Ѓукановиќ конечно се соочи со некој што е помоќен од него во Црна Гора – со Господ, пишува „Политико“. Претседателот на малата балканска држава кој доминираше во домашната политика во изминатите три децении претрпе изненадувачки пораз на парламентарните избори одржани изминатиов викенд.

Голем дел од изборната кампања се засноваше на поддршката на Ѓукановиќ за законот за присвојувањето на имотот на Српската православна црква од страна на црногорската држава. Опозицијата и црквата се здружија против законот, тврдејќи дека преку него државата се меша во религијата и оти ќе предизвика поделби во Црна Гора.

 – Кој ќе удри против бога и свети Василие завршува вака – кажа опозицискиот лидер Здравко Кривокапиќ за поразот на Ѓукановиќ.

Додека неговата партија ја загуби власта, претседатлескиот мандат на Ѓукановиќ трае до 2023 година. Едно од битните прашања кои произлегоа од изборите е дали и како тој ќе соработува со влада предводена од неговите противници.

Ѓукановиќ ја водеше државата на прозападен курс во поглед на надворешната политика. Црна Гора му се приклучи на НАТО во 2017 година и води пристапни преговори со ЕУ. Но, црногорскиот лидер се соочува со обвинувања за неможноста за одржување на демократските стандарди поради непотизмот, корупцијата и организираниот криминал во државата.

Додека стисокот на Ѓукановиќ врз власта попушта, поголемиот дел од оние што го поразија фаворизираат блиски врски со Србија и се проруски настроени, а беа и најгласни критичари за влезот на државата во НАТО.

 – Опозицијата претставува најдобра прилика за ослободување од автократскиот лидер, а сепак, тие поддржуваат други автократски режими – вели Веско Гарчевиќ, поранешниот амбасадор на Црна Гора во Брисел и во Виена, кој сега предава меѓународни односи на Бостонскиот универзитет.

Демократската социјалистичка партија на Ѓукановиќ освои 35 отсто од гласовите, кои носат 30 пратенички места во парламентот, додека за мнозинство е потребен 41 пратеник. За иднината на Црна Гора на Кривокапиќ освои околу 32 проценти (27 места), а Мирот е нашата нација околу 12 проценти (10 места)

– Не можев ниту да замислам дека еден ден ДПС ќе падне од власт и дека нема да бидам среќна поради тоа. Ова е држава на екстреми. Од една страна ја имате ДПС и корупциските афери и лошото менаџирање со ресурсите на државата, а од друга страна, националистичките и верски движења – истакна активистката Милица Богдановиќ.

Но, прогресивната партија која пропагира политики за заштита на животната средина ќе биде клучна за составување на власта. Лидерот на граѓанското движење УРА (листа црно на бело) Дритан Абазовиќ е во центарот на вниманието, откако резултатите покажаа дека неговата коалиција освои четири пратенички места кои се клучни за опозицијата да стекне мнозинство. Додека Абазовиќ е жесток противник на Ѓукановиќ, тој се соочи и со критики од сопартијците поради можноста за коалицирање со националистите.

– Сведоци сме на наративот заснован на лажната геополитичка дихотомија – дека неспорната волја на електоратот претставува проруска промена во регионот. А всушност, тоа не би можело да биде подалеку од вистината. Патот кон ЕУ несомнено ќе остане главна цел на новата влада – вели Среќко Црногорац, професор на факултетот за административни и европски студии во Подгорица.

Извесно е дека до составувањето на новата влада Црна Гора ќе треба да се справи и со насилните инциденти кои избија по изборите.