Спроти одбележувањето на Меѓународниот ден на новинарите, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, на средбата во претседателската вила „Горица“ им делел лекции на новинарските екипи на тема како треба да се занимаваат со истражувачкото новинарство во случајот „Коверт“. Притоа тој не одговорил на прашањето колку пари им дал на социјалистите директорот на Атлас банка, Душко Кнежевиќ, за неговата Демократска партија и за тоа дали неговата партија се финансира надвор од законот.

Овој случај најдобро ги опишува состојбата на медиумскиот простор во Црна Гора и односот на власта кон седмиот столб на демократијата – односно новинарството, пишува во текстот објавен во „Вијести“.

Претседателот на Комисијата за следење и испитување на истрагата за нерешените напади на новинарите Никола Марковиќ потсетува дека Ѓукановиќ и неговите соработници повеќепати тврделе дека во земјата „постои медиумска мафија“, како и тоа дека независните медиуми треба да се „дератизираат“.

– Верувам дека неговата критика се однесува на нас што се обидуваме да ја разоткриеме аферата „Атлас“. Јасно ни е дека имаме различни критериуми кога е во прашање истражувачкото новинарство. За претседателот на државата, тоа е повеќепати докажано. За него истражувачкото новинарство е оцрнување и напаѓање на неговите противници од политичката структура, критичарите од цивилниот сектор и медиумите – вели Марковиќ.

Тој потсетува дека ниеден од нападите врз новинарите, почнувајќи од убиството на основачот на „Дан“, Душко Јовановиќ, па до обидот за убиство на новинарката на „Вијести“, Оливера Лакиќ, не се расчистени, што говори за тешката положба на новинарите во Црна Гора.

– За жал, институциите поради недостиг од политичка волја, но и неспособност, не даваат впечаток за тоа новинарите да се чувствуваат безбедно и професионално да ја извршуваат својата работа. Особено загрижува опструкцијата од обвинителството, кое не доставува ниеден документ до комисијата – појаснува Марковиќ.

Правниот советник на Друштвото на професионалните новинари и тренер на Советот на Европа за слобода во истражувањето Синиша Газивода смета дека на медиумската сцена во Црна Гора е присутен дуализмот наместо плурализмот во информирањето.
– Тоа се рефлектира на севкупната состојба во општеството, кое е длабоко поделено. Нерешените напади врз новинарите посредно или непосредно ја загрозуваат слободата на истражувањето, затоа што ги одвраќаат од улогата на чувар во демократското општество – вели Газивода.

Влијателната меѓународна организација „Фридом хаус“ оценува дека медиумските слободи во Црна Гора назадуваат. Од 2004 година организацијата за слобода на медиумите забележала 76 случаи на вербални и физички напади на новинарите, а повеќето од нив останале нерешени.