По парламентарните избори во сите земји од регионот продолжија старите проблеми поврзани со нефункционалната демократија, високата корупција и нискиот економски стандард на населението. Затоа и аналитичарите се мошне воздржани при давањето оцени за очекувањата по формирањето на новата власт во Косово и во Бугарија

Со неделните избори во Бугарија и парламентарните избори во Албанија закажани за овој месец, во регионот се затвора уште еден изборен циклус. Минатата година парламентарни избори беа спроведени и во Србија, Македонија и Црна Гора, а во февруари во Косово беа спроведени и вонредните извори. Иако се очекуваше на Балканот да дојде нов бран промени, кои ќе овозможеа економски прогрес и приближување кон европските интеграции, засега тоа не се случува. Во сите земји продолжија старите проблеми поврзани со нефункционалната демократија, високата корупција и нискиот економски стандард на населението. Затоа и аналитичарите се мошне воздржани при давањето оцени за очекувањата по формирањето на новата извршна власт во Косово, Бугарија и наскоро и во Албанија.
Косово, кое подолго време поминува низ внатрешнополитичка криза, во неделата го доби својот нов претседател на државата. На оваа функција по предлог на Самоопределување беше избрана Вјоса Османи, која низ западната диоптрија важи за „претставник на новата генерација политичари што е за промени и против корупцијата“. Во исто време, таа се поврзува и како политички истомисленик со лидерот на Самоопределување Албин Курти, кој има мошне ригиден став во однос на продолжувањето на дијалогот со Србија. И самата Вјоса Османи продолжувањето на преговорите за нормализирање на односите меѓу двете страни го услови со тоа „Владата во Белград прво мора да се извини и да поднесе обвиненија против одговорните за војната во 1998/99 година“.

Евентуалното одолжување на изборот на новата косовска власт со целосен капацитет ќе ги одложеше и преговорите за втората половина од годината. Токму поради ова се споменува и засилениот притисок на Германија и на САД при изборот на Османи за претседател на Косово. Агенциите ја пренесуваат веста дека Европската Унија и САД ќе го засилат притисокот врз Приштина за продолжување на дијалогот со Белград. Во таа насока беше и изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој го поздрави изборот на новиот косовски претседател, но нагласи дека „сега Косово може цврсто да се фокусира на неопходните реформи и дијалог со посредство на ЕУ“.
– На Америка не ѝ одговара овој процес да се одложува и ќе ја поддржува косовската влада што нема хипотеки од ОВК. Ова значи дека ќе се натера Курти да влезе во дијалогот за кој и самиот поставува максималистички барања. Но полека и него ќе го стават на своето место, а првенствено да се исполни барањето на Србија за формирање на заедницата на српски општини – вели дипломатот Зоран Миливојевиќ за „Политика“.
По неделните парламентарни избори, пред Бугарија претстои неизвесен период за формирање нова влада. Партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), чиј лидер е премиерот Бојко Борисов, освои над 24 отсто од гласовите на парламентарните избори, соопшти Централната изборна комисија, откако преброја 42 отсто од гласовите. По една деценија доминација на Борисов во бугарската политика, тој сега има малку природни коалициски партнери во законодавниот дом. Борисов веќе предложи формирање на повеќепартиска влада од стручњаци. Новата партија Има таков народ, на пејачот и телевизиски водител Слави Трифунов, доби 19 отсто од гласовите, а опозициската Социјалистичка партија речиси 15 отсто.
– Предлагам мир – да ги искористиме стручњаците и до декември да преземеме одговорност за борба против пандемијата за повторно да можеме да напредуваме – изјави Борисов.

Димитар Ганев, политички научник во центарот за истражување „Тренд“ во Софија, за Радио Слободна Европа изјави дека партијата на Трифонов е „типичен нов играч“ во Бугарија, кој сака да ја оспори ситуацијата статус кво. Аналитичарите велат дека влезот на Трифонов на политичката сцена во Бугарија претставува продолжување на повеќедеценискиот напор за создавање одржлива партија против естаблишментот во Бугарија и ширењето на популизмот. Но отворено е прашањето дали новиот политички субјект има и капацитет да ги спроведе реформите и промените во земјата, за кои доби и значителна поддршка од бугарските гласачи.
Според извештаите на меѓународните организации, Бугарија се наоѓа на дното на ЕУ според перцепцијата на корупцијата, како и во врска со слободата на медиумите. Граѓаните на оваа најнеразвиена држава во ЕУ живеат на работ на сиромаштија.

Домашната економија е неефикасна, финансиските средства се ограничени, создаден е силен слој на олигархија, која има околу 3.000 припадници, кои водат клановски борби за распределба на ограничените буџетски средства, пишува во анализата на ИФИМЕС.
На крајот од месецот во Албанија треба да се одржат парламентарните избори, на кои ќе се знае дали ќе продолжи владеењето на Еди Рама, претседателот на Социјалистичката партија. По неговото доаѓање на власт во 2013 година, граѓаните очекуваа да се случат значајни промени. „Неслободните медиуми, корупцијата и нискиот стандард на граѓаните се сликата на сегашна Албанија“, пишува во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии со седиште во Љубљана. Земјата подолго време поминува низ политичка криза, а водечките опозициски партии, Демократската парија на Љуљзим Баша и Движењето на социјалистичка интеграција на Моника Криемадхи, го бојкотираат работењето на албанскиот парламент од февруари 2019 година. Опозицијата ги бојкотира и локалните избори во јуни 2019 година.