Дополнително подгревање на атмосферата пред средбата на делегациите на Србија и на Косово во Белата куќа беа и изјавите на посредникот Ричард Гренел, кој не ја исклучи можноста, покрај економските, да бидат отворени и други прашања

Со огромно медиумско внимание, но со голема неизвесност и неодредени очекувања се најавува вашингтонската средба на највисоките државни делегации на Србија и на Косово. Состанокот во Белата куќа меѓу лидерите на двете земји, што ќе се одржи денеска и утре во Вашингтон, предизвика мноштво шпекулации за намерите на американската администрација, од поактивното вклучување во дијалогот меѓу Косово и Србија, кој се води под покровителство на Брисел. Официјално на преговарачката маса се наоѓаат темите од економијата, но тоа не ги спречи лавината коментари и предвидувања на политичарите и аналитичарите за можноста за постигнување на некаков политички договор.

Специјалниот советник на американскиот претседател Ричард Гренел, кој се јавува и како главен организатор на разговорите во Вашингтон, во неколку пригоди потсетуваше дека само економските прашања ќе бидат „на маса“, но не ја исклучува можноста и други прашања да бидат отворени подоцна во разговорите.
– Ќе има исклучиво економски прашања и јас се согласувам со изјавата на претседателот Вучиќ дека никој не знае за кои прашања ќе се дискутира в петок – рекол Гренел во разговор со група новинари од албанските медиуми, „Вашингтон пост“ и „Танјуг“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти ќе се состанат во Вашингтон на 3 и 4 септември во рамките на долготрајните преговори меѓу двете страни. Разговорите ќе се фокусираат врз економскиот развој и создавањето нови работни места, рече неименуван специјален советник на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Радио Слободна Европа. Тој додаде дека сè уште не е утврдено дали Доналд Трамп ќе присуствува на состанокот меѓу Вучиќ и Хоти.

Двајцата главни преговарачи за решавање на косовското прашање ги одржаа своите први преговори по 20 месеци, откако Косово ги укина тарифите за увоз на српска стока. Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, завчера изјави дека косовската делегација се среќава со Србија само заради меѓусебно признавање, пренесува „Клан Косова“.
Хоти повтори дека меѓусебното признавање е единствената формула за нормализирање на односите, иако српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека доколку на прелиминарната билатерална средба се стави на маса прашањето за признавање на независноста на Косово, состанокот на 4 септември воопшто нема да се случи.
– Со Србија се среќаваме само заради меѓусебно признавање, не се состануваме за други работи. По совет на нашите меѓународни пријатели, во овој случај Соединетите Американски Држави, седнуваме за да се договориме за агендата за економска соработка, но сè е во функција на нормализирање на односите, што значи и меѓусебно признавање – посочи Хоти.

Осврнувајќи се на очекувањата од вашингтонската средба, „Ал џезира“ пишува дека Србија не е подготвена за завршување на косовската драма и затоа на претседателот Александар Вучиќ му е потребно нешто за тоа да се „претстави како победа“.
– Досега, српскиот претседател ниеднаш не спомнал толку директно дека од Србија ќе се бара да ја признае независноста на Косово. Претходно, тој изјави дека главен услов за пристапување на Србија во Европската Унија е Белград да го признае Косово. Дури во една пригода одговори „зошто да се признава Косово, кога никој од неа тоа не го бара“. Сепак, ако се анализира подлабоко неговата реторика, јасно е дека српскиот претседател би сакал во историјата да биде забележан како некој што, сепак, успеал да извлече нешто во замена за тоа признавање. Тоа, според сегашните околности, е прифатено и во администрацијата на Доналд Трамп и за тој вид морков и се трага – се заклучува во анализата на „Ал џезира“.