Никос Дендиас и Сергеј Лавров министри за надворешни работи на Грција и на Русија

Според пишувањата на регионалните медиуми, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со лидерите на Грција, Србија и на БиХ во деновите што следуваат се очекува да разговара за затоплување на односите на Москва со овие држави, но и за други важни геополитички прашања поврзани со Балканот

Регионална турнеја на рускиот шеф на дипломатија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров од вчера престојува во специјална посета на Атина, од каде што ја почнува неколкудневната турнеја низ регионов. Според најавите, во деновите што следуваат шефот на руската дипломатија се очекува да ги посети исто така БиХ и Србија. Првичната причина за неговата посета на Атина, како што пренесуваат грчките медиуми, е тоа што Грција ќе претседава со Советот на Европа до ноември, меѓународна организација во која членува и Русија. Во исто време, затоплувањето на односите меѓу Атина и Москва исто така е целта на грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, која е актуелна од неговиот прв ден на преземањето на должноста во Министерството за надворешни работи. РСЕ јавува дека ваквата посета, во време на длабока криза во грчко-турските односи, е клучна за Атина, бидејќи, меѓу другото, Москва е можеби единствениот соговорник што се чини дека има какво било влијание врз Анкара.
Пред посетата на Лавров на Атина, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас испрати писмо до германскиот колега Хајко Мас и шпанската министерка за надворешни работи Аранча Гонсалес-Лај, во кое тој побара да се воведе ембарго на увозот на оружје во Турција, што, меѓу другото, можеби ќе биде и темата на која ќе разговараат двајцата дипломати, анализира Ројтерс.

Во меѓувреме, пред посетата на Лавров, руската амбасада во Атина со објава на Твитер се осврна врз можноста дека, според меѓународното право, Грција има право да ги прошири територијалните води од 6 на 12 наутички милји. Иако Русија првично зазеде позиција да сочувствува со турските тврдења, веројатно позицијата е драстично променета откако Турција, според наводите на Москва, испратила сириски платеници џихадисти на Кавказ во конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно Карабах.
Паралелно на ова, московскиот весник „Комерсант“ во однос на посетата на Лавров на Србија и на БиХ пишува дека со ваквиот чекор очигледно е дека Москва сака да го зачува влијанието на Балканот. Весникот потсетува дека Лавров ќе ги посети Грција, БиХ и Србија и оценува дека иако агендата на тие посети е различна, сепак имаат заедничка карактеристика. Весникот наведува дека регионалните експерти овој фактор го поврзуваат со значењето на балканската турнеја на Лавров.
– Балканот е важен геостратегиски приоритет за Русија, која има намера да го искористи сегашниот релативен вакуум, кога многу балкански земји сè уште не се премногу приближени до ЕУ – го цитира весникот коментаторот Владо Вурушиќ од хрватски „Јутарњи лист“.

Вурушиќ вели дека Русија ја спроведува својата балканска стратегија главно преку Србија, која ја смета за „клучен партнер во регионот“. „Комерсант“ пишува дека Лавров има многу теми за разгледување при неговата посета на Белград.
– Главното прашање е до кој степен претседателот Александар Вучиќ е подготвен да продолжи со дела, а не со зборови, да биде стратегиски партнер на Русија во регионот – пишува весникот.
„Комерсант“ потсетува дека на почетокот на септември, Вучиќ во Вашингтон потпиша договор за економско нормализирање на односите со Косово, додавајќи дека неговата имплементација може да има „сериозни геополитички последици, ослабување на зависноста на Србија од рускиот гас и обезбедување Белград и Приштина да се приклучат на безбедносниот систем контролиран од САД. Весникот додава и дека Белград минатата недела направил „недвосмислен гест кон Москва“, кога потврди дека се отвора претставништво на руското министерство за одбрана.