Иако постојат големи очекувања на Балканот од новата политика во Вашингтон, меѓународните политички анализи и процени се дека регионот ќе биде ставен на споредниот колосек од надворешната политика на Бајден

По претседателската смена во Белата куќа, повторно се поставува прашањето каква ќе биде судбината на „балканското наследство“ на Трамп во однос на примената на новата политика од новоизбраниот американски претседател Бајден? Иако постојат големи очекувања на Балканот од новата политика во Вашингтон, меѓународните политички анализи и процени се дека регионот ќе биде ставен на споредниот колосек од надворешната политика на Бајден. Сите предвидувања се дека Балканот нема да биде меѓу приоритетите на Вашингтон, но ќе останат нивните интереси во однос на Косово и ревизијата на Дејтонскиот договор што се однесува за односите во Босна и Херцеговина. Засега, поголемо влијание на САД врз процесот на проширување на Европската Унија и во тој дел и за евентуално поголем притисок врз Софија за повлекување на ветото за почетокот на пристапни преговори на Македонија, не се споменуваат во ниедна од досегашните прогнози за наредниот период. Очекувањата на меѓународните аналитичари се насочени првенствено кон редефинирање односно стабилизирање на односите меѓу Вашингтон и Брисел, кои не беа на соодветно ниво во претходниот четиригодишен мандат на Доналд Трамп.

Пред Бајден се внатрешните предизвици, како надминување на поделбата по владеењето на Трамп, како и санирање на економските, здравствените и демократските проблеми во САД. Втора причина се изменетите меѓународни услови во светот, што ќе го принудат Бајден да се посвети повеќе на надминување на разликите со сојузниците, како и на решавање на други крупни проблеми, како што се нуклеарниот договор со Иран и константните разидувања со Кина и со Русија.
Затоа сѐ пореално е дека Балканот ќе биде идеална територија за „пркосни“ соочувања односно за посредни судири, Вашингтон ќе се обиде да ги отстрани руското и кинеското влијание и на Балканот, а не само во Украина и во Белорусија. Политичките прогнози се дека демонтажата на наследството на Трамп ќе биде и на балканските простори, пишува „Данас“, кој пренесува и делови од извештајот на експертскиот тим на „Вудро Вилсон“.
Косовското прашање е поврзано и со судбината на Вашингтонскиот договор за економската соработка меѓу Србија и Косово, што беше потпишан под покровителство на Доналд Трамп. Дејвид Филипс, кој е долгогодишен виш советник на државните секретари од администрацијата на Буш до Обама, се залага за предлагање конечен договор пред Србија, или во спротивно таа би била исклучена од интеграцијата во европските институции. Филпс смета дека е „време да се тргне напред и да се постигне двострано признавање“.

Според него, на Косово и на Србија треба да им се остави време од 12 месеци за преговори, а доколку не се постигне договор, Србија треба да биде изоставена од натамошниот процес на разговори за приклучување кон Европската Унија. Но оваа идеја е тешка за реализација поради нееднаквите ставови во ЕУ за прашањето за Косово. Особено што во Брисел преовладува ставот дека преговорите на Србија со ЕУ не се нужно поврзани и со решавањето на косовскиот спор. Враќањето на старите играчи во српско-косовскиот дијалог, како што се Медлин Олбрајт или Викторија Нуланд, ќе значи и враќањето на поддршката што ја имаа албанските и бошњачките политички претставници и нивните барања, кои се однесуваат на признавањето на Косово и на промена на дејтонскиот устав на Босна и Херцеговина, пишува „Данас“.
Со големи очекувања од новиот американски претседател се и во Европската Унија, која се надева на подобрување на вкупните трансатлантски врски. За потребата од поголемо приближување на ставовите меѓу Брисел и Вашингтон говори и францускиот министер задолжен за Европа, Клемонт Бон, кој смета дека „Европа мора да преземе поголема одговорност и самата да ги дефинира своите вредности и интереси“. Притос Бон сугерира на поголема соработка меѓу САД и ЕУ, пишува „Дојче веле“.

Ова е во контекст на заложбите на францускиот претседател Емануел Макрон за концептот на стратегиска автономија во градењето на трансатлантското партнерство и исполнувањето на очекувањата на САД за поголеми издатоци на ЕУ за одбраната.
Јана Пуљерин од берлинскиот Совет за надворешни односи вели дека Европејците мора колку што може порано да испратат јасен сигнал за прекинување со политиките на администрацијата на Трамп.
– Бајден ќе биде преокупиран со внатрешнополитичките проблеми што ќе биде радосен ако ЕУ се посвети повеќе на некои теми во нејзиното соседство. Потребна е извесна стратегиска автономија на ЕУ, затоа што Брисел така ќе стане подобар партнер – вели Јана Пуљерин за ДВ.