Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од дебата за потребата на преминување на еврото се откажаа и бранителите на националните хрватски интереси, кои премолчно се откажуваат од националната платежна единица – куната. Но хрватските граѓани стравуваат за можните последици по преминувањето на еврото

Хрватската влада со голем оптимизам ја очекува 2023 година, кога треба да премине на еврото, но економистите предупредуваат дека земјата ќе ја дочека оваа монетарна промена без структурно приспособување на домашната економија. Деновиве се водеше поголема дебата за ставањето на ликот на Никола Тесла како национален белег на монетата на едно евро и евроцентот, на која има право секоја држава-членка на еврозоната. Граѓаните и Хрватската народна банка се одлучија на евровалутата да се најдат хрватските симболи: шаховницата, глаголицата, географските граници на Република Хрватска, Никола Тесла и куната, само со слика. Србија веднаш реагираше на користењето на ликот на Тесла, за кого велат дека има српско потекло.
Од дебата за потребата на преминување на еврото се откажаа и бранителите на националните хрватски интереси, кои премолчно се откажуваат од националната платежна единица – куната. Но хрватските граѓани стравуваат за можните последици по преминувањето на еврото.
Независниот економски аналитичар Густе Сантини вели дека не треба да има страв од сериозен удар на малопродажните цени.

– Ударот може да биде еднократен, но не и тежок, како што беше во Словенија. Сега не постои инфлација во класична смисла. Капитализмот денес има проблем со потрошувачката, а не со производството. Во случајот со Хрватска, еврото може да биде и шанса за напредок, но и голем товар. Хрватска за почеток би требало да има по производствена економија. Но оваа земја сѐ уште не покажува промени во тој правец. Структурата на економијата е проблематична. Има висока државна потрошувачка, преголем удел на услугите, лоша даночна политика… Се плашам дека еврото ќе го примиме како некој товар, наместо да биде поттик за развој. Нашиот проблем е што од куната направивме монетарна манекенка, а функцијата на парите ја вршеа марката, па еврото – вели Сантини за „Дојче веле“.
Невен Видаковиќ, предавач на Загрепската школа за економија и менаџмент, потсетува дека Хрватска во тешки времиња воведувала нови валути во период од пет години. Прво кога југословенскиот динар премина на хрватски, а потоа се воведе и куната, но тогаш вниманието беше насочено на економските проблеми, а не на изгледот на новата валута. Според него, објективни проблеми се тоа што нема да се остварат предвидувањата за намалување на каматните стапки на кредитите.
– Хрватска влегува со еврото во 2023 година, кога се очекува спроведување рестриктивна монетарна политика. Тоа значи дека ќе дојде до покачување на каматните стапки. Европската инвестициска банка ќе ги подигне каматните стапки, без разлика на состојбата во хрватската економија – предупредува Видаковиќ.

Од Хрватската народна банка објаснуваат дека нема да се случат големи поскапувања, а во земјите во кои беше воведено еврото инфлацијата не поминала над 0,3 процентни поени. За да се избегнат поскапувањата поради заокружување на цените, половина година од монетарната промена во Хрватска цените ќе бидат објавувани во две цени, во куни и евра. На денот на промената ќе биде утврден фиксен курс според кој ќе се врши конверзија од куни во евра, пишува „Слободна Далмација“.
Обврската за двојно искажување на цените се однесува за претпријатијата, трговијата, банките, државната управа и јавниот сектор. Двојните цени ќе бидат задолжителни на сметките за комунални услуги, сметките во трговијата, промотивните материјали, а цените искажани во куни ќе бидат појасно истакнати од цените во евра. Дополнително ќе биде истакнат и фиксниот курс за конверзија од една во друга валута. Министерството за економија преку инспекциските органи ќе врши редовна контрола на цените, а за секоја злоупотреба фирмите ќе бидат ставани на „црна листа“, која ќе биде јавно достапна на социјалните мрежи.
Во Националниот план за замена на куната со еврото се наведува дека во другите држави се покажало дека ризикот за зголемување на цените е поизразен кај услугите, особено во угостителскиот сектор, козметичките салони, сместувањето и рекреативните услуги.
Сите заштеди во домашната валута на денот на промената ќе бидат конвертирани во евра. Предвидени се и начинот на пресметувањето на кредитите во куни и прашањето за каматните стапки во случај на фиксни и променливи каматни стапки.