Антиелитистичката партија „Има таков народ“ основана од популарниот телевизиски водител Слави Трифонов е во пол-позиција во пресрет на парламентарните избори кои утре ќе се одржат во Бугарија, пишува „Еурактив“.

Анкетите покажуваат дека партијата на Трифонов има предност од еден отсто пред партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Се претпоставува дека ГЕРБ ќе има послаб резултат во однос на претходните избори одржани во април, бидејќи во анкетите не се опфатени Бугарите кои живеат во странство, а кои претходно го поддржуваа Трифонов.

Се очекува „Има таков народ“ да освои околу околу 22-23 отсто од гласовите и да биде избирлива околу можните коалициски партнери. Анкетите на партијата на Борисов и предвидувааат резултат помеѓу 20 и 21 отсто, што е значително намалување во однос на април кога ГЕРБ освои над 26 отсто од гласовите.

– Овој пат ќе имаме влада – истакна политичкиот аналитичар Андреј Рајчев во интервју за „Дојче Веле“, додавајќи дека на Бугарите им е доста од Борисов и оти инсистираат на судските реформи и борбата против корупцијата.

Привремената влада назначена од бугарскиот претседател Румен Радев, моментно има поддршка од мнозинството Бугари и се очекува дел од сегашните министри да останат на функциите и во идната влада.

Се предвидува дека речиси сигурно ќе има промена на власта во Бугарија по 11-годишното владеење на Борисов, но главно прашање останува дали досегашната опозиција ќе може ефективно да управува со државата.