Пратеничкиот клуб на Бандиќ е главниот столб на кој се потпира Владата на ХДЗ

На последните парламентарни избори партијата на Милан Бандиќ, кој е градоначалник на Загреб, освои еден пратенички мандат, а сега во неговиот клуб има десет пратеници од различни политички опции

Партијата на Милан Бандиќ на изборите во 2016 година освои само еден пратенички мандат, кога лично тој му го преотстапи местото на својот партиски колега. Две години подоцна, долгогодишниот градоначалник на Загреб во својот пратенички клуб има десет нови членови, со што го покажа „невозможното“, дека на изборите може и да се изгуби, но подоцна да се создаде респектабилна парламентарна група. Клубот на Партијата на трудот и солидарноста е четврта политичка сила и се чини претставува одлучувачки фактор во одржувањето на владата на Андреј Пленковиќ.

Сегашниот број пратеници сѐ уште не му даваат доволна моќ на Бандиќ за да може да го уценува владејачкото мнозинство предводено од ХДЗ. Насобраните пратеници во клубот на Бандиќ и досега отворено го поддржуваа премиерот Пленковиќ. Намерата на Милан Бандиќ е да го продолжи ловот на нови пратеници од ослабената опозициска партија СДП, пишува „Индекс“.

Во пратеничката група, која е под управа на загрепскиот градоначалник, се наоѓаат пратеници со различна политичка ориентација. Некои од нив претходно биле избрани на листата за пратеници од националните малцинства. Нивното поцврсто врзување со Бандиќ би зависело само ако им се понуди нешто посериозно и попривлечно. Посебно значење за владејачкото мнозинство има оттргнувањето двајца пратеници од редовите на СДП. Последниот пратеник што се одметна од опозицискиот блок е пратеничката Миланка Опачиќ, која подолго време искажуваше нетрпеливост кон лидерот на хрватските социјалдемократи Давор Бернардиќ. Таа сега е на страната на владата на Пленковиќ, заедно со поранешниот висок партиски функционер од СДП, кој беше осомничен за злоупотреба на службените патувања. Тој беше клучниот глас за одржување на парламентарното мнозинство на ХДЗ.

Поранешната премиерка и поранешна претседателка на ХДЗ, Јадранка Косор, во својата реакција на Твитер го критикуваше преминувањето на Миланка Опачиќ во партијата на Милан Бандиќ.

– Наместо да ги осуди неговите сексистички и примитивни изјави, госпоѓата пратеничка стана негова следбеничка. Односот на силите во парламентот на ниеден начин не ја одразува волјата на избирачите на последните избори. Денешната парламентарна преселба е најпримерен доказ – Собранието остана без углед и сила – напиша Косор.

Претседателот на СДП, Давор Бернардиќ, за заминувањето на неговата поранешна партиска соработничка изјави дека „Милан Бандиќ е човек што на сомнителен начин ги собира пратениците, кои стануваа главен столб на владата на Андреј Пленковиќ“.