Припадници на косовските специјални единици (РОСУ) упаднале вчера изутрина во северниот дел на Косовска Митровица и уапсиле четири лица, во врска со случајот за убиството на лидерот на Граѓанска иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ.

Градоначалникот на Косовска Митровица, Горан Ракиќ, изјави дека се уапсени полицаецот Драгиша Марковиќ и Саша Чуричиќ. Припадниците на РОСУ упаднале во нивните станови, ги удирале со пушки и со нозе, а потоа ги однеле во непознат правец. Според потпретседателот на Српската листа, Игор Симиќ, во акцијата биле уапсени и Марко Рошиќ и Недељко Спасојевиќ.

Портпаролот на косовската полиција, Даут Хоџај, изјави дека единиците на косовската полиција уапсиле четири лица во северниот дел на Косовска Митровица и дека тоа било спроведено во рамките на истрагата за убиството на лидерот на ГИ СДП, Оливер Ивановиќ. За српската телевизија РТС, Хоџај истакна дека по налог од надлежен суд единици на косовската полиција извршиле рација на четири локации.

Во Косовска Митровица при спроведување на акцијата се огласиле и сирени, кои се слушале речиси еден час. Како што објави РТС, се слушнале и неколку истрели.
На плоштадот во градот се собрале голем број граѓани, кои биле вознемирени поради вчерашните случувања во северниот дел на Косовска Митровица. Градоначалникот Ракиќ ги повика граѓаните на воздржаност.

Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, на Фејбук напиша дека акцијата на специјалните единици е во согласност со законот и не е поврзана со каква било политика, пренесе Коха.нет.

За апсењето на четирите лица во Северна Митровица бил информиран и КФОР, од каде што соопштуваат дека не планираат на интервенираат, затоа што оваа акција била поврзана со истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ.

– Знаеме што се случува. Безбедносната состојба е мирна – изјави портпаролот на командата на КФОР, Виченцо Грасо.