Албанија ги прогласи за непожелни иранските дипломати во Тирана, пренесе в.д. министерот за надворешни работи на Албанија, Гент Чакај.

Тој на својот фејсбук-профил наведе дека иранските дипломати Мохамад Али Арц и Сеид Ахмад Хосеини се прогласени за непожелни.

– Министерството за европски и надворешни работи денес донесе одлука дипломатските претставници на Амбасадата на Исламската Република Иран во Албанија, Мохамед Али Арц и Сеид Ахмад Хосеини, да бидат прогласени за непожелни поради извршување активности што не се компатибилни со нивниот статус и принципите на Виенската конвенција за дипломатски односи – напиша Чакај.

Тој додаде дека двајцата претставници на Исламската Република Иран треба веднаш да ја напуштат територијата на Албанија.