Петнаесетгодишен средношколец од црногорскиот град Рожаје се обидел да отруе свои соученици со солна киселина, објави подгоричкиот весник „Побједа“.

Според весникот, тинејџерот ставил солна киселина во шишиња со сок и им ги понудил на двајца ученици од неговиот клас. Кога тие се напиле од сокот почувствувале „непријатен вкус“ и ја исплукале течноста. По ова ушта двајца нивни соученци пробале од сокот, мислејќи дека првите двајца се шегуваат, по што и тие веднаш ја исплукале течноста.

По ова четворицата ученици што се напиле од течноста биле пренесени в болница, каде што е констатирано дека нема опасност по нивното здравје.

Ученикот, кој им ги понудил соковите, бил сослушан во полиција во присуство на родителите, социјален работник и училишниот педагог, при што, како што наведува „Побједа“, бил „видно потиштен и молчелив и не знаел да ги објасни мотивите за својата постапка“.