Хомосексуалните двојки сè уште нема да можат да стапат во брак во Црна Гора затоа што законот за сексуално партнерство за лица од ист пол не го доби потребното мнозинство во парламентот, иако го предложи Владата.

Членовите на малцинските партии беа против законот. За усвојување гласале 38 пратеници, четворица биле против, а опозициските пратеници не биле во салата за време на гласањето. За усвојување на законот беше потребно мнозинство од 81 пратеник.

Црногорските невладини организации оценија дека со недонесувањето на законот за животно партнерство на лица од ист пол е поразен демократскиот процес во Црна Гора и нејзиниот европски пат.

Опозициската Социјалдемократска партија ја повика Владата повторно да го предложи нацрт-законот, бидејќи неговите пратеници би гласале за него, доколку денеска беа во парламентот.

Доколку се изгласа законот, геј паровите ќе ги имаат истите права како и хетеросексуалните парови. Предлог-законот не предвидува изрично дека геј лица можат да посвојат деца, но им дозволува да се грижат заедно за децата на еден од партнерите заедно.

Предлогот предвидува и дека геј лица можат да стапат во брак, да имаат право на наследство, да имаат заеднички имот, право на пензија и социјално осигурување, посети во болници, згрижување на деца заедно, но и обврска да се грижат за детето на својот партнер, ако нема некој близок роднина.