Здравко Кривокапиќ мандатар за состав на новата влада

Црна гора

Здравко Кривокапиќ, мандатарот за состав на новата црногорска влада, минатата недела порача дека не ги сака челниците на Демократски фронт во неговата влада и дека инсистира таа да вклучува експерти. Според него, не е важно дали ќе има партиски лидер во новата црногорска влада, туку како ќе работи таа влада. Истакнувајќи ја разликата во визијата, Кривокапиќ додаде дека „ако сакаат да бидат фер, треба да се знае дека не е важно во овој момент дали некој ќе биде лидер во таа влада, туку како ќе работи таа влада и како ќе ја проектираат иднината на Црна Гора.
– Нивната визија е замена додека мојата се промени и реформи. Ако замената е целта на тие лидери, тогаш јас не би можел да прифатам ниту еден лидер да биде во таа влада – изјави Кривокапиќ.

Во меѓувреме, црногорските медиуми објавија дека просрпската партија Демократски фронт ги предложила лидерите на тој сојуз, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, до мандатарот Кривокапиќ за идни министри. Како што пренесуваат локалните медиуми, двајцата беа незаконски осудени за обид за вршење државен удар во Црна Гора во 2016 година и обид за атентат на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ, за да го спречат приемот на земјата во Алијансата. Инаку Кривокапиќ на парламентарните избори беше носител на изборната листа на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, чиј предводник беше ДФ.

Кривокапиќ имаше прво обраќање пред медиумите пред една недела, откако црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ му го додели мандат на 8 октомври. Тој ги изнесе своите ставови на Твитер во претходните денови и вети дека ќе ги достави предлозите за својата влада до црногорскиот парламент до средината на октомври.