Седницата на парламентот на која ќе се расправа за изборот на новата влада на Црна Гора е одложена за 2 декември, соопшти денеска претседателот на Собранието, Алекса Бечиќ.

Бечиќ на Твитер изјави дека, по денешните консултации и договори со шефовите на сите парламентарни клубови, било договорено седницата за измена на Деловникот, за да се овозможи функционирање на Собранието во услови на епидемијата ковид-19, да се одржи на 23 ноември, а седницата за избор на новата влада на 2 декември.

Тој додаде дека, сакајќи да избегне, како што наведе, злоупотреби, поделби, несогласувања и оттргнување на вниманието од горливите прашања и изборот на нова влада, тој е подготвен со секој чекор да придонесе за помирување, кохезија и гледање кон иднината, почитувајќи ги барањата и ставовите на опозиција.