Црногорската влада објави нов тендер за продажба на поранешната јахта на Тито – ,,Јадранка” и ја намали цената од 80 илјади на 50 илјади евра.

Црногорската влада ја прогласи ,,Јадранка” за непотребна за државата и првпат за продажба ја огласи лани летото.

,,Јадранка” е најлуксузната јахта на Тито, која тој ја имал на располагање, а била изградена во 1977 година во хрватското бродоградилиште во Краљевица. Јахтата се наоѓа на пристаништето во Бар.

Според црногорското Министерство за одбрана, во јахтата се вградени некогашни најквалитетни и најлуксузни материјали, од махагони до тиковина, додека преградите во јахтата се изградени од специјални челични легури.

Јахтата има три салони за дневен престој на гостите, два апартмани и две помошни кабини за гости. Таа има осум кревети, а може да прими 30-тина гости. Медиумите во Подгорица истакнуваат дека поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, со неа пловел 24 пати.

Цената на продажба и е намалена, бидејќи првиот тендер не предизвика голем интерес.