Во Црна Гора во 2019 година ќе биде воведено доброволно служење воен рок, објави весникот „Побједа“, повикувајќи се на извори од Министерството за одбрана.

– Со долгорочен план за развој на одбраната 2016-2025, кој го донесе Владата на Црна Гора, како една од приоритетните развојни цели на армијата предвидено е вопоставување систем за доброволно служење воен рок – наведува весникот.

Извори од Министерството за весникот изјавиле дека е планирано во 2019 година да почне доброволно служење воен рок, а до тој период да се изврши измена на законските регулативи со цел создавање услови за негово воведување.

Од ресорното Министерство објасниле дека „со оглед на капацитетите со кои располага армијата на Црна Гора, односно Центарот за обука, планирано е обуката да се реализира за 100 војници годишно, односно два пати по 50“, пренесува РТЦГ. Обуката би траела три месеца.

Задолжителното служење воен рок во Црна Гора беше укинато во 2006 година откако стана независна држава.