Црна Гора од денеска ги отвори границите за државјаните на Западен Балкан. За влез во оваа земја од денеска е потребен негативен ПСР или серолошки тест.

Директорот на Институтот за јавно здравје, Бобан Мугоша, вчера изјави дека Црна Гора од денеска ќе ги отвори своите граници за граѓаните на Македонија.

– Црна Гора ќе ги отвори своите граници со Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и западноевропските земји од утре – објави Мугоша додавајќи дека епидемиолошката состојба со коронавирусот се подобрува во овие земји.

На крајот на мај Црна Гора прогласи крај на епидемијата на својата територија, а веќе на почетокот на јуни целосно ги отвори границите за граѓаните на државите со активен број на заразени под 25 на 100 илјади жители, вклучително и БиХ, додека границите со Србија, Албанија и Македонија останаа затворени поради лошата епидемиолошка состојба.