Владата на Црна Гора го утврди предлог-законот за слобода на вероисповед со кој се предвидува црковен имот и објекти да се прогласат за државна сопственост. Српската православна црква смета дека новиот закон е дискриминаторски и дека со неговите одредби се обидува да се одземе имотот на Српската православна црква во Црна Гора, за која сметаат дека ја има својата „осумвековна канонска јурисдикција на просторот на денешна Црна Гора“.

Минатата недела српските медиуми пренесоа делови од предложениот закон со кој културните добра се сметаат за државен имот што го користат верските заедници. Овие одредби се однесуваат на изградените објекти или земјиште што е стекнато со јавни приходи, односно биле во државна сопственост пред 1918 година. Објектите или земјиштето за кои постои доказ за правата на сопственост на верските заедници над тие објекти или земјиште нема да се пренесат во државна сопственост.

– Верските објекти и земјиште што ги користат верските заедници на територијата на Црна Гора што се изградени, односно се стекнати со јавни приходи на државата или биле во државна сопственост до 1 декември 1918 година и за кои не постојат докази за права на сопственост на верските заедници, како културно богатство на Црна Гора, се државна сопственост – пишува во членот 62 на предлог-законот за слобода на вероисповед.

Во истиот член се наведува дека верските објекти што се изградени на територијата на Црна Гора со заеднички вложувања на граѓаните до 1 декември 1918 година, а за кои не постои доказ за право на сопственост, и како културно богатство на ЦГ, исто така се државна сопственост.

Управата за недвижности е должна во рок од една година од стапувањето во сила на овој закон да утврди кои верски објекти и земјиште се во државна сопственост, да изврши нивен попис и да поднесе барање за упис на правата на државна сопственост на тие недвижности во катастарот за недвижности. Управата е должна уписот на барањето да се изврши во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето, за што, без одлагање, ја известува верската заедница што ги користи објектите и земјиштето. Доколку се утврди дека имотот е државен, верската заедница ќе продолжи со користењето на објектот и земјиштето.

Министерот за правда Зоран Пажин, по седницата на Владата на ЦГ, истакнал дека во предлог-законот во целост се прифатени сите препораки на Венецијанската комисија, пренесе РТС.

Како и во претходните обиди на Владата на ЦГ за донесување на овој закон, најновата верзија што е доставена до парламентот наиде на отпор кај Српската православна црква. Митрополитот црногорско-приморски на СПЦ, Амфилохие, ја повика власта да се вразуми и побара да им се врати она што е одземено од црквата по Втората светска војна. Истовремено, од Исламската верска заедница очекуваат, со одредени измени, законот да биде усвоен. Но од Црногорската православна црква му даваат целосна поддршка на законот, со што сметаат дека „спорниот црковен имот ќе ѝ биде вратен на државата“, пренесе Радио Слободна Европа.

Архиjерејите и свештенството на црногорско-приморската митрополија за 21 декември најавија протест во Никшиќ и ги повикаа православните верници во поголем број да искажат несогласување со предлог-законот за слобода на вероисповед во Црна Гора.
– Владата на Црна Гора покажа дека не ја почитува волјата на државјаните на ЦГ, кои во огромен број (околу сто илјади), со име, презиме и потпис го искажаа својот став кон дискриминацискиот предложен текст на законот. На сите треба да им биде јасно дека станува збор за обид да се прогонат, дискриминираат и понижат митрополијата и епархијата на Српската православна црква во Црна Гора – се наведува во соопштението на црногорска-приморската митрополија.