Наспроти етичките дилеми, најмногубројните верски заедници во Црна Гора ја поддржуваат трансплантацијата на органите и се согласни дека граѓаните треба да бидат донори. Ставот на Православната и на Католичката црква е органите да се даруваат исклучиво од љубов, а не од користољубие. Со ова се согласува и Исламската заедница од каде што им порачуваат на своите верници дека органите можат да им се донираат и на немуслиманите.

Од Црногорско-приморската митрополија го пренесуваат ставот на епископот бачки Иринеј, кој смета дека трансплантацијата на некој орган не само што е дозволена, туку заслужува и пофалба од аспект на христијанскиот морал, пренесува „Вијести“.

– Мора да постојат услови и примачот и дарителот на орган мораат да постапуваат слободно и доброволно. Дарителот да се раководи исклучиво од љубов и да не се дозволуваат манипулација, принуда, трговија со човечки органи или клонирање. Со пресадувањето на органите не смее да бидат загрозени животот и општата состојба на дарителот и трансплантацијата не смее да ги менува или загрозува биолошкиот или духовниот идентитет на примателот – смета епископот Иринеј.

Во Црна Гора свеста за донирање органи е на исклучително ниско ниво, иако со 20 донори годишно би исчезнала листата на чекање за трансплантација на органи.
Програмата за трансплантацијата во ЦГ е почната 2012 година, кога е направено првото пресадување бубрег од жив дарител. Следната година, првпат пациент доби бубрег од починато лице.

Досега во ЦГ се направени 39 трансплантации на бубрег, од нив 36 се од жив донор. Пред шест години се воведени донорски картички, а за период од четири години тие се потпишани од 300 граѓани.

Новиот закон, кој е усвоен во 2016 година, предвидува дека секој граѓанин е донор, освен ако дал изјава кај избраниот доктор дека се противи на дарувањето органи. Во септември годинава, во Клиничкиот центар се направени трансплантации на срце, бели дробови, црн дроб и на два бубрега од мозочно мртов пациент, со што им се спасени животите на пет лица.

– Православните и католичките теолози во огромно мнозинство бараат најголемо внимание за проценување на вистинската смрт – забележа Иринеј во својот авторски текст.

Тој објаснува дека традиционалната дефиниција на телесната смрт би гласела дека тоа е состојба кога кај човекот целосно и неповратно престанале работата на срцето и дишењето, а сегашната медицина главно го прифаќа гледиштето дека тоа е состојба кога ќе настане мозочна смрт.