Алексис Ципрас (десно) и Еди Рама

Грчкиот премиер Алексис Ципрас употреби остра реторика против албанската Влада, предупредувајќи ја администрацијата на премиерот Еди Рама дека перспективата на Албанија во ЕУ би можела да биде доведена во прашање доколку албанските власти не ги почитуваат правата на грчкото етничко малцинство во Албанија.

Тој, за време на заедничката прес-конференција по средбата на Балканската четворка во Букурешт, конкретно Грција, Романија, Србија и Бугарија, задржувајќи се на прашањетосо имотите на Грците во јужната албанска општина Химара и се закани на Албанија дека „може да се соочи со санкции на патот кон Европската унија“.

-Во последно време гледаме случувања што не ни се допаѓаат. Добив информации дека има негативен развој во врска со грчкото малцинство. Ако е точно, тоа ќе биде многу негативен развој. Прашање кое, за жал, не ни дава оптимизам кон европската перспектива. Ако информациите што ги имаме се точни, нема предуслови за движење во оваа насока. Се надевам дека не е вистина, б идејќи желбата на сите е чекорите кон европската перспектива да станат реалност. Но, ние секоја земја ја гледаме одделно – рече тој.

Припадниците на грчкото малцинство од Химара, кое се смета за бисер на албанското крајбрежје, ја обвинуваат албанската Влада дека насилно им ги одзела имотите за да гради на нив туристички комплекси.