Грчкиот премиер Алексис Ципрас пред пратеничката група на својата партија СИРИЗА ја обелодени содржината на предлогот за ревизија на Уставот. Станува збор за 15 измени од кои главната всушност е претпазлив чекор кон нов однос меѓу црквата и државата, кои во Грција не се раздвоени.

– Дојде време со Уставот експлицитно да се зацврсти верската неутралност на грчката држава со сето она што се подразбира за регулаторно и во практика – изјави Ципрас.
Од другите предложени измени, интересна е и таа за уставно воспоставување пропорционален изборен систем, кој во Грција сега е мешан. Исто така се предлага и измена за да се отежни менувањето на Владата од страна на парламентот, објави Радио Слободна Европа.

Грчкиот премиер го повторил својот предлог за воведување пропорционален изборен систем и за воведување конструктивно гласање за недоверба на Владата, односно на институција што ќе го отежнува процесот за поднесување барање за гласање недоверба.

Исто така, рекол дека сака усвојување на предлогот, кој би наложувал премиерот да мора да биде избран пратеник, за да се избегнат политички ситуации во кои премиерот не е избран со популарен глас, пренесе „Катимерини“.
Нова демократија го критикува Ципрас, порачувајќи дека со ревизија на Уставот сака да го пренасочи вниманието од неуспехот на Владата.