Меморандумите со мерки за штедење со рецесија и со социјален пустош конечно завршија, а нашата земја си го враќа правото сама да си ги одредува судбината и иднината како нормална европска земја, изјави завчера грчкиот премиер Алексис Ципрас во обраќањето од грчкиот остров Итака по повод завршувањето на последната 3-годишна финансиска помош за Грција.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, обраќање на Ципрас до јавноста било полно со симболика, поврзувајќи ја актуелната ситуација во Грција и она што земјата го помина во изминатите осум години на финансиската криза со патешествието во „Одисеја“ од Хомер за да стигне до неговата родна Итака.

– Од денес, со визија и одлучност почнуваме нова ера за нашата татковина со претпазливост и одговорност, за никогаш да не се вратиме назад кон Грција со дефицити и банкрот. Но и со смелост за одново раѓање на Грција. За татковина на еднаквост, демократија и општествена правда. Бидејќи Итака е само почетокот – рече грчкиот премиер во обраќањето до Грците, велејќи дека со „битка и пожртвуваност го испишале крајот на меморандумите“.

Грчкиот премиер рече дека од деновиве почнува нова ера за Грција, но дека не треба да се заборават ниту причините ниту личностите, кои ја доведоа земјата до кризата, но и оние што ѝ помогнаа.
– Стигнавме на нашата дестинација, излеговме од меморандумите, но не завршивме тука. Сега, пред нас се нови битки – порача Ципрас.