Грчкиот премиер веројатно ќе треба да го исполни старото ветување дека вратоврска ќе стави само доколку и кога ќе се најде решение за грчкиот долг и земјата ќе излезе од кризата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, за вчерашната одлука на еврогрупата, Алексис Ципрас денеска го информираше грчкиот претседател, а на почетокот на дијалогот пред камерите, токму вратоврската беше првата тема.

-Се чини дека нема да се спасам, ќе ставам вратоврска, со насмевка рече Ципрас додека се поздравуваше со Павлопулос.

Грчкиот претседател забележа дека сė започнало од поранешниот премиер на Италија, Матео Ренци, кој прв му дал вратоврска на Ципрас.

– Облозите, кога ќе се добијат, треба да се исполнуваат. Но, треба да најдам кошула, немам отворена кошула – коментираше Ципрас.

Во однос на одлуката на Еврогрупата, грчкиот премиер рече дека договорот за долгот е историски, многу повисоко од очекувањата на пазарот и е договор што „одговара на моралната обврска од партнерите во однос на жртвите на грчкиот народ во изминатите осум години, за да остане обединета еврозоната”.

– Сметам дека 21 јуни ќе остане во историјата како еден многу важен ден за Европа. Тоа е нова страница за земјата. Тоа не значи дека треба да го напуштиме мудриот пат на фискалната урамнотеженост и структурните реформи кои ѝ се потребни на земјата, но значи дека го напуштаме трнливиот пат на меморандумите, на наметнување екстремни мерки на штедење, на отстранување на значителен дел од економскиот суверенитет од владите што ги живеевме сите овие години – рече Ципрас додавајќи дека сакал претседателот да биде прв што ќе биде известен, но и му се заблагодари на Павлопулос за поддршката.

Грчкиот претседател рече дека го сторил тоа што ќе го направел било кој на негово место, тоа била негова должност „наметната од околностите, но и од историјата и перспективата на земјата“.

– Овие часови, треба сите, пред сѐ ние, но и нашите партнери, мораме да знаеме со колку жртви на грчкиот народ се постигна ова што е постигнато. Овие жртви не се должат само на наши грешки, туку одредени, многу важни жртви, се должат и на грешките што се направија поради содржината на програмите, како што беа формирани од оние кои ги формираа, а не од нас – рече Павлопулос, пренесе МИА.

По постигнатиот договор за грчкиот долг, денес, Алексис Ципрас вечерва ќе одржи говор пред пратеничките групи на СИРИЗА и Независни Грци.