Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска имаше средба со жителите на населбата Мати, која беше најпогодена од катастрофалните пожари на 23 јули годинава.

Ципрас, како што јави дописничката на МИА од Атина, на граѓаните им испрати порака дека Мати не треба да се заборави и оти треба „повторно да се роди“.

– Овде сум да испратам и една порака, дека Мати нема да биде заборавено по жалниот публицитет од првите денови. Тоа е залог за сите нас. Тоа е заложба, повторно да се роди, заложба да се заштитат сопствениците, жителите, но и да се справиме со долгогодишните нарушувања во оваа област – посочи грчкиот премиер.

Ципрас, заедно со министри и претставници на локалната самоуправа, се сретнаа со координативните комисии на жителите на Мати од кои ги слушнаа проблемите со кои што се соочуваат по пожарите.

– Денеска имав многу суштински разговор, отворен разговор со координативните тела на жителите на погодените области, како во Мати, така и во Неос Вуѕас. И мислам дека сите заедно имаме поставени залог и треба да го исполниме. Повторно да се роди овој регион. Тоа е морална обврска кон десетиците луѓе што ги загубија животите, но и кон оние и покрај нивните рани, секојдневно се борат за да останат овде, да не си заминат и државата мора да ги поддржи – порача Ципрас на крајот од неговата посета.

Во катастрофалните пожари на 23 јули во областа Атика, животот го загубија 98 лица.