Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска се сретна со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, на разговори околу актуелните прашања, со фокус на односите со Русија, соопшти грчката влада.

Двајцата се согласија дека Грција секогаш силно ќе одговори кога е во прашање национален суверенитет, како и дека владата ќе продолжи со својата политика за унапредување на односите со Русија на билатерално и мултилатерално ниво.

Грчкиот весник „Катимерини”, цитирајќи дипломатски извори, на 11 јули објави дека Атина одлучила да протера двајца руски дипломати и да го забрани влезот во земјата на уште двајца.

Според весникот, Атина ги обвини дипломатите за мешање во внатрешни работи и поткопување на националната безбедност на Грција.