Со приватна посета на „Света Софија“ во Истанбул, грчкиот премиер вчера го започна вториот ден од посетата на Турција, а веднаш потоа замина на островот Халки каде што е предвидено да оствари средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, јави дописничката на МИА од Атина.

– Нема да дадам изјава, многу сум среќен што сум тука, на ова историско место – рече Алексис Ципрас од храмот „Света Софија“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган завчеравечер изјави дека проблемите со Грција можат да се решат по „мирен пат“, додавајќи оти постојат несогласувања, особено кога станува збор за екстрадиција на обвинетите за неуспешниот воен удар во Турција.

– Мислам дека сите проблеми со Грција можат да се решат по мирен пат – рече Ердоган на заедничката конференција за новинари со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Турскиот претседател изрази надеж дека со Грција ќе биде воспоставена подобра соработка во врска со предавањето на турските војници, кои побегнаа во Грција.

На конференцијата Ципрас изрази задоволство што останале „отворени каналите за комуникација“ помеѓу Атина и Анкара.

Грчките медиуми, пак, видоа „мали и претпазливи чекори за приближување“ помеѓу двете земји. Во Грција оваа посета се смета за историска, со оглед на тоа дека Алексис Ципрас ќе биде првиот грчки премиер од 1933 година што ќе го посети Халки.

Вселенскиот патријарх, во петокот, за време на литургија рече дека „посетата на Халки на премиерот на Грција има особена симболика“.