Грчкиот левичарски опозициски лидер, Алексис Ципрас, го обвини премиерот Киријакос Мицотакис за непочитување на мерките против ширење на коронавирусот.

Ципрас ги упати критиките до Мицотакис откога премиерот присуствуваше на голем собир – ручек на отворено.

Мицотакис за време на викендот го посетил грчкиот остров Икарија, каде што присуствуваше на ручек на отворено, кој го приреди локален функционер, а снимката од настанот беше објавена на социјалните мрежи и прикажува најмалку 25 луѓе, а во заднина се слуша традиционална музика со гајди и тапани.

Ципрас денеска поднесе жалба до парламентот обвинувајќи го премиерот дека покажува неверојатна ароганција додека рестораните во Грција и многу фабрики останаа затворени.

Портпаролката на владата, Аристотелија Пелони, изјави дека Мицотакис ќе продолжи да ги посетува оддалечените делови на земјата за да ја промовира вакцинацијата против коронавирусот додавајќи дека насочувањето на вниманието на јавноста кон ручекот на отворено ќе ја поткопа целта на посетата.

Во декември Мицотакис беше снимен со велосипед без маска со уште петмина велосипедисти како вози на планинска патека во околината на Атина.