Грчкиот премиер Алексис Ципрас го бранеше контроверзниот договор помеѓу ЕУ и Турција за мигрантите, во обид да го олесни гневот на грчкиот остров Лезбос, каде што се сместени речиси 9.000 бегалци и мигранти.
– Ако ја немаме оваа рамка, работите ќе бидат трипати полоши – рече Ципрас за време на посетата на Лезбос.

Тој зборуваше за договорот ЕУ-Турција од 2016 година, кој значително го ограничи приливот на мигранти од Турција, но илјадници баратели на азил останаа блокирани во Лезбос и други грчки острови, предизвикувајќи гнев на нивните жители.
– Пред три години, 4-5 илјади луѓе доаѓаа секој ден – рече Ципрас, но исто така призна дека условите се „многу тешки за мигрантите и за жителите“.
Лезбос има околу 86.000 жители, а стотици илјади мигранти и бегалци поминаа оттаму на пат кон Европа.