Исклучително редок медитерански циклон, „медиган“, кого Грците го нарекоа „Јанос“, погоди делови од Грција. Медиумите јавуваат дека јахтите се удираат од карпите.

Метеоролозите претходно најавија дека делови од Грција ќе се соочат со многу редок метеоролошки феномен што ќе го погоди грчкото крајбрежје, со многу силни налети на ветер и огромна количина на врнежи.

„Танјуг“ објави дека под удар на циклон, јахтата која пловела под знамето на Швајцарија, носена од бурни ветрови и струјата, одлетала на карпите на полуостровот Итака. Како што се наведува, лицата кои биле на јахтата успеале без помош да стигнат до брегот, пренесе агенцијата АНА.

Најновите прогностички модели покажуваат дека овој многу редок ураган може да биде најсилниот во историјата на тие простори. Во Грција е издадено предупредување на високо ниво, а жителите се повикани да се засолнат. Грчките метеоролози очекуваат огромни количини на дожд, поплави и ветрови со над 200 километри на час. Исто така е издадено предупредување од највисок степен, а жителите беа повикани да се засолнат.

Грчките власти соопштија дека засега има материјални штети, но за среќа нема жртви. Властите соопштија дека се забележани прекини на електричната енергија на островите Закинтос, Кефалонија и Итака.

Засега нема точни податоци за количината на врнежи што ги донесе циклонот со себе, како и за јачината на ветерот, бидејќи во оние делови каде Јанос „удри“ најсилно, всушност нема електрична енергија, па и мерењето на податоците е оневозможено, објави грчкиот весник „Катимерини“.

Грција започна со подготовки за редок вид бура, медитеранскиот ураган познат како „медиган“. Според хрватски „Јутарњи лист“, се очекува невремето најпрво да ги зафати западните јонски острови, а потоа и полуостровот Пелопонез, а во опасност е и Атина.

Грчките власти предупредија дека бурата „Јанос“ ќе биде придружена со силен ветер и дожд што може да доведе до поплави и прекин на електричната енергија во следните два дена.

Министерот за цивилна заштита Никос Хардалијас вчера ги советуваше жителите на областите поплавени во минатото или кои живеат во близина на реките да најдат алтернативно сместување, а останатите да го ограничат патувањето.

– Влијанието на „Јанос“, мора да бидеме јасни, ќе биде слично на другите бури, но посилно по интензитет, опсег и времетраење – рече Хардалијас.

Ваквите циклони првпат се појавија во Грција во 1995 година, но се почести последните години, рече Хардалиас. Слична бура последен пат ја погоди Грција во 2018 година, 25 лица загинаа во поплавите една година порано, а стотици останаа без покрив над главата. Таквите бури се познати како „медиган“, што е комбинација на зборовите „Медитеран“ и „ураган“.