Словенечкиот министер за надворешни работи, Миро Церар, смета дека со новата Европска комисија проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан е сѐ поверојатно.

Тој исто така најави дека европските перспективи на овој регион ќе бидат приоритет за словенечкото претседателство во втората половина на 2021 година, пренесе „Танјуг“.

Говорејќи на денешниот настан за Западен Балкан, организиран од Институтот за стратешки студии, Церар рече дека на регионот треба да му се даде перспектива во ЕУ.

– Јас сум голем оптимист за проширувањето, иако имавме горчлив момент минатата година – рече словенечкиот министер за надворешни работи.

Со оглед на тоа што повеќето земји-членки на ЕУ се за проширување, тој се надева дека во првата половина од годинава ќе се најде решение за Македонија и Албанија.