Цената на животот

Брзината на ширењето и убиственоста на новиот коронавирус ги принуди државите и владите на релативно брза акција. Сепак, без оглед на дневната политичка реторика за ангажирањето на сите капацитети на националните држави и воведувањето сеопфатни мерки за да се забави ширењето на заразата, сведоци сме на неадекватни одговори на пандемијата. Таа неадекватност е производ на два фактора. Првиот е малото знаење за овој вирус. Затоа и реакциите на државите и на владите беа очекувани и останаа во рамките на поранешните модели на кризен менаџмент. Сепак, повеќе од порано досега знаеме колку не знаеме и тоа не е задолжително лоша работа бидејќи сѐ уште може да се научи повеќе, за да се најде соодветен одговор на оваа и на идните пандемии.

Вториот е системски фактор што, за несреќа, е помалку подложен на корекции базирани на новостекнатото знаење и нови искуства. Пандемијата на новиот коронавирус ги доведе во прашање основните политички, идеолошки и економски претпоставки на капитализмот и на неолибералниот економски модел на кој почива современиот свет. Уште повеќе е соголено досегашното неуспешно затскривање на големиот број недостатоци на секаквите владејачки структури во разни земји. Се покажа дека државата сѐ уште (или сега повеќе од порано) може и треба да игра значајна улога во животите на граѓаните.

Кризниот менаџмент подразбира, меѓу другото, државно планирање за зачувување на економските ресурси, одржување на потребното ниво резерви со витални производи, како и контролиран модел за дистрибуција на тие производи за време на криза. Овој модел кај нас е одамна напуштен, па Црна Гора е доведена во ситуација да нема доволно основна заштитна медицинска опрема, тестови и респиратори, како и резерви на основни суровини, како што е пченицата, и да нема доволно средства да ги купи.
За среќа, повеќемилионските донации овој пат делумно ја покрија системската дупка, но јасно е дека ваквата ситуација е неодржлива долгорочно. Патетично звучи фалбата за 10 илјади тони пченица од Франција, која ќе ги задоволи повеќемесечните потреби на Црна Гора. Потпирајќи се на поранешна процена и на моделот на кризен менаџмент, кој проектира неопходност од 90 илјади тони пченица годишно (затоа и постоеја оние три силоси од по 30 илјади тони: Никшиќ, Спуж и Бар), подобрите познавачи на оваа материја бргу ќе пресметаат дека на Црна Гора ѝ се потрeбни 7.500 тони пченица месечно.

Досегашните, како и оние најновите уверувања на академиците, политичарите и професионалните идеолози за функциите на слободниот пазар, кои се регулираат и го доведуваат во состојба на неопходниот баланс се покажаа не само целосно невтемелени туку и како елемент што забележливо ја влошува кризната ситуација. Новиот коронавирус јасно ни ги покажа длабочината и убиствените ефекти на многуте економски, социјални, културни и расни раслојувања и нееднаквости, како директни последици на структурата и логиката на кои почива моделот на неолиберален капитализам.

Во светот уреден според ригидните и немилосрдни правила на националните држави и капитализмот, смртоносниот вирус десеткратно ја зголеми веќе постојната ранливост на значаен сегмент на населението во секоја држава. Истовремено, одговорот на пандемијата е милитаризиран, па сите се најдовме на првите, вторите, третите… линии на одбраната и станавме „војници“ во „војната“ против глобалната закана. Милитаризацијата на одговорот на здравствената криза, како холивудски слоган, веднаш е преземена низ светот. Многу држави, вклучувајќи ја и Црна Гора, секоја од своја страна на вирусната бојна нива, иницираа планови за „отворање на економијата“. Она што го занемари оваа милитаризација на кризата (или намерно го маргинализира) е фактот дека оваа пандемија не ги мери војничките способности на државата и граѓаните, туку пред сѐ ја тестира нашата хуманост.

Доскорешната трошка надеж дека вирусот го забави деценискиот секојдневен напор на националните влади и првосвештениците на неолибералната економија да му дадат приоритет на богатството во однос на животот се распрсна во оној миг кога националните влади почнаа оваа криза да ја гледаат првенствено низ економската, а не низ здравствената визура. Американскиот одговор на пандемијата е дека „војната“ против коронавирусот сега мора да се мери со економско метро бидејќи постои опасност од уништување на „американскиот начин на живот“, како што тврдеше поранешниот гувернер на американската држава Њу Џерси, Крис Кристи. Американскиот претседател Доналд Трамп, во паузата меѓу пласирање на теоријата на заговор за потеклото на вирусот и плукањето по сите што се осмелуваат да му упатат критика, се пожали дека американската економија не може да се затвори на пет години.

На населението му е понудена лажната дилема меѓу спасувањето на економијата и спасувањето на животот на одреден број граѓани, како да се работи за неповрзани работи и како економијата да не може да биде обновена со ангажирање болна или веќе упокоена работна сила. Впечаток е дека многу национални влади не брилираа на претходно спомнатиот испит на хуманоста пред кои нѐ стави новиот коронавирус.
Сите национални планови за „отворање на економијата“ имаат две заеднички карактеристики: инсистирање на спомнатата лажна дилема и префрлање одговорност за забавување на ширењето на заразата од здравствениот систем на државата на граѓаните. Истовремено, останува нејасно дали и во кој обем државите, вклучувајќи ја и Црна Гора, ќе продолжат да ја седат ситуацијата така што ќе ги тестираат сите граѓани повеќе од еднаш, ќе ги следат и ќе ги тестираат гостите на кои туристичките работници им се надеваат и ќе обезбедат за работодавците и за вработените неопходна заштитна опрема. Ако државата нема можност често да ги тестира сите граѓани и на работодавците да им ја обезбеди потребната заштитна опрема, „отворањето“ на економијата може да има смртоносни последици за многумина. Важно е да не се заборави дека изолацијата и рестрикцијата на движењето истовремено го штитат секој од нас поединечно, но ја сочинуваат и основата на општествениот пакт, кој значително ги надминува националните граници.

Наративот за високата цена на економскиот колапс ја креира потребата да се направи страшен, но лажен и непотребен избор меѓу профитот и животот. Се наметнува прашањето кој број на мртви е прифатлив и за владејачката структура во одредена држава и за нејзините жители како можна или веројатна цена за „отворање“ на економијата? Се заборава фактот дека со планско и постепено олабавување на воспоставените ограничувања, со засилени мерки на заштита – со чести тестирања на сите граѓани и секојдневно следење на развојот на пандемијата – можат да се зачуваат и животите и економијата. Се разбира, постпандемиската економија ќе нема многу сличности со онаа што ја паметите од пред шест месеци. Инсистирањето на економскиот дискурс исто така ја маргинализира важната дискусија за подготвеноста и способноста на државата да воспостави баланс меѓу неопходноста од економско преживување и адекватните мерки за следење и контрола на ширењето на заразата.

Освен тоа, давањето исклучив примат на економскиот метар е подложно на најразлични интерпретации, па и на оваа: каде лежат приоритетите на владејачката структура и на доминантните економски актери во државата за време на пандемија. Нема таква маска и ракавици во кои се сликаат државните официјални лица што би можеле да ја релативизираат ваквата интерпретација. Таквите прашања се секогаш непријатни, а добиваат дополнително значење и дополнителна специфична тежина во годината на пандемијата, која, истовремено, е и изборна година.

(Авторот е предавач на Катедрата за историја и класици на универзитетот
„Алберта“ во Едмонтон, Канада)