Тројца пилоти на Хрватското воено воздухопловство од воената база во Земуник се под истрага на цивилната и воената полиција, пренесува „Нова ТВ“.

Пилотите со воен хеликоптер превезувале шверцер на оружје, а полицијата извршила претрес во нивните домови и пронашла поголемо количество муниција.

-Тие се отстранети од летачката служба и одземени им се одредени материјални права поврзани со летачкиот додаток. Ова е изолиран случај, тоа не се случило досега во Хрватското воено воздухопловство. Ние ќе продолжиме да преземаме мерки за да спречиме вакви случаи – изјавил бригадниот генерал Мато Микиќ, командант на Хрватското воено воздухопловство, за „ТВ Нова“.

Пилотите со воен хеликоптер го превезувале шверцерот на оружје. Заедно ја поминале контролата, а шверцерот најверојатно никој не го прашал за документи. Шверцерот го возеле во хеликоптерот додека биле на должност, во склоп на своите планирани воени задачи, а сѐ се случило пред два месеци.

Покрај тоа, шверцерот бил маскиран. Тој во воената база, а потоа и во хеликоптерот, влегол во униформа на воен пилот. Мажот од претходно ѝ е познат на полицијата.