Првиот хрватски работодавец има позитивно мислење за ангажирање азиланти

Од 2012 година, со помош на државата, се вработиле само 19 азиланти и лица што уживаат некој друг облик на права за престој утврдени според меѓународните права

Хрватските работодавци не ги користат доволно државните субвенции за вработување мигранти, иако тие сѐ повеќе се соочуваат со недостигот од работници, поради масовното иселување на хрватските граѓани во западноевропските земји. Според податоците што беа изнесени на тркалезната маса организирана од Хрватското здружение на работодавци, од 2012 година со помош на државата се вработиле само 19 азиланти и лица што уживаат некаков друг облик на права за престој утврдени според меѓународните права, пишува „Слободна Далмација“.

– Од оние азиланти што досега го искористиле правото на користење помош за вработување, петмина ја искористија мерката за оспособување за работа со стекнување квалификации за влез на пазарот на трудот, за учење на хрватскиот јазик и добивање паричен надомест од државата додека трае оспособувањето. Другите 14 азиланти учествуваат во јавните работи или користеле некоја друга социјална мерка – вели Патриција Кезеле, советничка во Хрватскиот завод за вработување.

Петте азиланти што се оспособени за учество на хрватскиот пазар на труд се вработени од Паво Чорлука, сопственик на повеќе домови за сместување за нега на стари и немоќни лица.

– Ги повикувам работодавците што повеќе да бараат нови работници од редовите на азилантите, за кои се користат државни субвенции. Моето искуство е многу позитивно. Ние сме пријатно изненадени од знаењето и вештините на работниците што се вработени на овој начин. Другите 12 азиланти планирам да ги ангажирам по нивното школување, откако ќе се распише новиот оглас. За идната година планираме низ истата програма да вработиме уште 25 нови работници. Недостигот од домашни работници сите го чувствуваме и мораме да бидеме свесни дека тоа нема да се промени. Мораме да се свртиме кон странската работна сила, и тоа што поскоро, затоа што тоа е иднината – порачува Чорлука.

Во овој систем за оспособување на азилантите, покрај работодавците, се вклучени и институциите за згрижување на азилантите, како и невладините организации што им помагаат на азилантите и работодавците на разни начини, а пред сѐ во учењето на хрватскиот јазик.

– Кога ќе се стекнете со нивната доверба, сѐ се одвива според очекуваниот тек, а за тоа не се потребни идеални прописи или високи парични средства за тие да се интегрираат во хрватското општество и домашниот пазар на работна сила – вели Твртко Барун од невладината агенција што се грижи за потребите на мигрантите.
Патриција Кезеле вели дека познавањето на хрватскиот јазик е најголема бариера за поголемо учество на азилантите во програмите за помош што се спроведуваат од Хрватскиот завод за вработување. Неопходно е основно познавање на јазикот за да може да им се предочат поволностите што им ги нуди дополнителното образование на азилантите.

Државната помош за менторство на еден азилант изнесува 700 куни и 7.000 куни за школување. Овие бенефиции ги добива работодавецот. Државата ги покрива и трошоците за превоз на работниците, дел од лекарските прегледи и заштитната опрема за работа, како и паричен надомест за азилантот во висина од 2.751 куна, сѐ додека работодавецот ги користи мерките за оспособување на мигрантите.

Претприемачот Чорлука се залага за зголемување на помошта на работодавците во случаите за школување и оспособување на азилантите. Предлага намалување на даночните зафаќања и покривање на сите трошоци за здравствени и санитарни прегледи на работниците што се вработуваат на овој начин. За него е спорна одлуката со која странецот што го поминал процесот на оспособување за работа не мора да ја прифати и работата кај работодавецот што му го обезбедил менторството.

На трибината беше презентирано и искуството на странските работници во работењето во хрватските фирми. Еден од нив е Пуриј Јавидиј, Иранец, кој во Хрватска се наоѓа од 2016 година. Јавидиј се вработил како готвач и планира да остане постојано во Хрватска.