Различните погледи за постоењето на вооружените сили ги продлабочи поделбите во тричленото Претседателство на БиХ

Претставникот на хрватската заедница во Претседателството на Босна и Херцеговина ќе поднесе кривична пријава до својот колега од српската заедница, за искажаниот став дека дел од војската на БиХ треба да биде облечена во униформи на поранешната војска на Република Српска. Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина и претседател на Демократскиот фронт, Жељко Комшиќ, смета дека и претходните потези на актуелниот претседател на тричленото тело Милорад Додик имале основа за кривична пријава. Како примери Комшиќ ги наведе, цртањето карти на голема Србија, бришење на границите меѓу БиХ и Србија, што претставува директно загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ и кршење на законот и Уставот.

Последната изјава на Додик се однесува на одбележувањето на годишнината од Третиот пешадиски полк на вооружените сили на БиХ и Денот на војската на Република Српска. Во оваа пригода Додик изјави дека била грешка одлуката за укинување на ВРС, која била донесена под притисок на меѓународната заедница за формирање на вооружените сили на БиХ, и наедно побара од Командата на Третиот пешадиски полк на ОСБиХ на следното одбележување половина од војниците да бидат облечени во униформи на поранешната војска на РС. Комшиќ, во емисија на Н1, рече дека овде станува збор за кршење на Законот за служба во ОСБиХ, а отежнувачка околност е што тоа некој го прави од позиција на јавна функција.

Милорад Додик за пријавата на неговиот хрватски колега од Претседателството, рече дека БиХ е единствена земја во која не смее да има лично мислење. Тој во изјава за новинарите повтори дека е голема грешка укинувањето на војската на Република Српска како и одлуката на претходното Претседателство на БиХ бројот на вооружените сили на БиХ да бидат повеќе од 9.600 војници.

– Српската и хрватската страна не се заинтересирани за учество во воените сили. Останува празен простор за нивно пополнување и постои притисок да се примаат Бошњаци. Тоа претставува нов проблем затоа што таа не е војска на Бошњаците, туку треба да бидат заеднички вооружени сили. Затоа ќе продолжат недоразбирањата – вели Додик.

Српскиот член на Претседателството на БиХ посочи на однесувањето на меѓународната заедница, која непотребно реагирала во врска со вооружувањето на полицијата на РС, иако сараевската кантонална полиција во исто време купила повеќе оружје. Исти реакции, имаше и за формирање резервен состав на полицијата на РС.
Милорад Додик за следната година најави дека одбележувањето на Денот на војската на Република Српска ќе биде одбележан со постројување на војниците во униформи на војската на Србија, иако има најави за тужба од Жељко Комшиќ.