По зачленувањето во ЕУ во Хрватска, следуваше јакнење на екстремно конзервативните, националистички и либерални сили, пишува „Стандард“, по повод петгодишнината од приемот во европската заедница

Влегувањето на Хрватска во Европската Унија беше, пред сѐ, важно за самите Хрвати, кои сакаат да се дистанцираат од постјугословенските држави на југот, а истовремено да се заврши транзициската ера, но по зачленувањето следуваше јакнење на екстремно конзервативните, националистичките и либералните сили, пишува „Стандард“.
По повод петгодишнината од приемот на Загреб во ЕУ, виенскиот дневен весник наведува дека во Хрватска, како и во другите земји на Централна и Источна Европа, набргу било забележано дека Брисел не може да врши никаков реформски притисок, а тоа влијаеше на јакнење на екстремните и националистичките сили.

Овие структури молчеа до членството, а потоа со вклучување во цивилното општество агитирале против малцинствата, и тоа особено во однос на српската заедница, чија состојба се влоши, забележува „Стандард“.
– Хрватите никогаш не биле ентузијасти кога е прашањето членството во ЕУ. Тие не очекуваа многу и поради тоа не се многу разочарани – оценува политикологот Дејан Јовиќ.
„Стандард“ истакнува дека биле поведени голем број иницијативи и референдуми за засилување на екстремно конзервативната слика за семејството и општеството, кои беа поддржани од Хрватската католичка црква, која, за разлика од црквите во другите држави, е повеќе десно ориентирана.
Политикологот Жарко Пуховски вели дека наесен народот ќе одлучува за големо ограничувања на правата на малцинствата и доколку тоа биде прифатено ќе значи дека Хрватска свртува надесно.

– Сѐ уште се однесуваме како балетани што балансираат на работ на овие струи. Од владејачката ХДЗ нема позначајна политичка партија на страната на десницата. Ние, во споредба со другите во Европа, имаме најмал удел на радикалните десни партии. Така и ќе остане во наредните две-три години – вели Пуховски.
Во Европскиот парламент со недоверба гледаат на хрватските пратеници, кои се истакнуваа во бранењето на интересите на националистите од Херцеговина. Еден неименуван дипломат на ЕУ го критикуваше националистичкиот став на хрватските пратеници. „Стандард“ укажува и на обидот на Хрватска да ги стопира пристапните преговори со Србија, кои завршија неуспешно.
– Сега Хрватска сака што побрзо да влезе во внатрешниот круг на ЕУ и да пристапи во еврозоната и во шенген-групата. Тоа би било корисно за другите членки, затоа што туристите од другите земји не би чекале со часови на границите, а Загреб би бил задолжен за заштита на надворешните граници на ЕУ – пишува „Стандард“.

Исто така, се истакнува и проблемот со Словенија, која се жали на Хрватска дека не го признава арбитражниот суд за спорот со Пиранскиот Залив.
– Притисокот на Хрватска и Словенија за ова прашање станува уште поголем, затоа што Македонија и Грција постигнаа компромис – оценува Јовиќ.
„Стандард“ нагласува дека, и покрај споровите со соседите, меѓу нив постои пројугословенско заедништво, поради фактот што многу Словенци летуваат на хрватското приморје, а последното истражување покажало дека 64 отсто од Хрватите навивале за Србија против Бразил на Светското првенство во Русија.