Хрватска ќе прифати одреден број деца без придружба, односно, деца кои се сами, без родители, роднини или старатели во бегалските кампови на грчките острови, соопшти хрватската влада.

Точниот број на деца кои треба да бидат префрлени во Хрватска се уште не е познат, а планот е дека кога ќе допатуваат во Хрватска, да бидат вдомени.

За планот за децата без родителска придружба беше дискутирано на вонредниот состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ минатата недела во Брисел, бидејќи Грција побара помош од други членки.

За разлика од задолжителните квоти што се пропишани за згрижување на бегалците, ова е целосно независна одлука на секоја земја и ЕУ не бара обврзување.

Со цел да се избегне евентуална злоупотреба на статусот „дете без придружба“, бидејќи децата понекогаш се користат како средство за добивање азил од страна на едно семејство, беше побарано од комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон, која ќе ги посети грчките острови следната недела, да направи темелна проверка на статусот на секој малолетник кој е сам, особено на оние што ќе бидат префрлени во Европа.

Десетици илјади мигранти се на турско-грчката граница откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека Турција повеќе нема да се обидува да ги задржи на својата територија, како што беше договорено во 2016 година.